Истакнатиот македонски борач, тренер, селектор и боречки стручњак Фоти Ѓатовски направи стручен труд за македонското борење насловен како „Краток преглед на македонското борење во слободен стил во периодот 1958 – 2016 година и анализа на спортските резултати на најважните меѓународни натпревари“.
Трудот е за поздравување и по Монографијата „Борење македонски најтрофеен спорт“, па „Патот на олимпискиот шампион“ – монографија за Шабан Трстена, ова е збогатување на македонската боречка историографија со квалитативна анализа, нешто што недостасува.
Во предговорот Ѓатовски ги наведува мотивите и фактоте за овој труд и која е неговата цел:
„Намерата на овој труд е да се анализира, зачетокот, развојот и подемите на борењето во слободен стил во периодот 1958-2016 година и се прикаже вистинскиот придонес на борењето во слободен стил за афирмација на македонскиот спорт на меѓународен план, врз основа на постигнатите спортски резултати на македонските борачи на официалните меѓународни натпревари (олимписките игри, светските првенства и европските првенства) и објективна анализа.
Основната појдовна теза е тоа дека спортскиот резултат е најобјективниот извор на информација за вредноста на еден спорт, а постигнатите резултати на најзначајните официјални меѓународни натпревари (ОИ,СП и ЕП), се значаен фактор за афирмација на една земја.
Во овој труд сакам да дадам објаснување и на прашањето, кои беа главните причини за опаѓање на врвните меѓународни резултати на македонските борачи во некои периоди.
Во трудот се табеларно прикажани и објективно анализирани сите резултати во периодот од 1958 – 2016 година како целина, но и посебно во три условно поделени временски периоди и тоа:
-1958-1972 година: Зачеток, развој и први врвни меѓународни резултати во борење слободен стил;
-1973-1992 година: Квалитативен подем на македонското борење во слободен стил на меѓународен план и период на постигнати највредни спортски резултати;
-1993-2016 година: Криза и опаѓање на врвните спортски резултати на меѓународните натпревари во борење слободен стил.
Причината за трите условно поделени временски периоди е фактот што тие имаат свои карактеристични обележија, но и можноста сите позначајни настани да се евидентираат и објективно и прецизно објаснат.
За да се заокружи анализата на постигнатите врвни спортски резултати на меѓународен план, секако дека треба да се анализираат и постигнатите врвни спортски резултати на светските и европските првенства во младинска конкуренција, како и резултатите на македонските боречки клубови (Како критериум за одредување на врвен резултат е земен пласманот до 8 место).
Во моментот кога се изготвуваше овој труд, резултатите на наведените меѓународни натпревари не беа анализирани, поради тоа што не беа обезбедени веродостојни податоци за тие натпревари.
Се надевам дека до 2020 година, кога ФБСМ ќе слави 60-годишен јубилеј од формирањето, ќе биде изготвено едно сеопфатно и квалитетно издание , со веродостојни податоци во кое ќе бидат прикажани објективо и аргументирано сите позначајни настани и постигнати спортски резултати на македонското борење во слободен стил. Се разбира, книгите „Патот до ѕвездите“ од Кирил Манев, „Борење“ издадено од ФБСМ и овој труд, треба да бидат солидна основа за успешно заокружување на таков значаен проект.
На еден таков чекор се решив, поради фактот што во македонското борење присутен сум од 1961 година како борач, од 1973-1988 година како сојузен селектор или тренер на сениорската и младинската државна репрезентација во борење слободен стил, а од 1973-2002 година професионално бев вработен во ФБСМ, како тренер и стручен соработник.
Во трудот се стремам да дадам објективна анализа на спортските резултати на најзначајните меѓународни натпревари на сениорската државна репрезентација, но и веродостојно да ги прикажам најзначајните настани во зачетокот, развојот, подемот и кризата на Македонското борење.
Исто така, со овој труд сакам да ги мотивирам, пред се поранешните афирмирани тренери и борачи, да дадат свој придонес во заокружувањето на овој многу значаен проект за македонското борење и македонскиот спорт“.
ОВДЕ може да го прочитате целиот труд: Карток историски преглед на македонското борење.
Ipon.mk/В.Д.