Хрватскиот боксер Филип Хрговиќ ќе се бори против Александр Усик за титулата шампион во тешка категорија во верзијата на ИБФ. Оваа вест ја објави промоторот Еди Херн на својот Твитер.
„Само што добив писмена наредба од ИБФ за шампионот Александр Усик дека во следната борба мора да се бори со предизвикувачот Филип Хрговиќ. Ајде да одиме!“, напиша Еди Херн на Твитер.
Хрватскиот боксер со последната победа против Кинезот Жилеи Жанг дојде до статусот задолжителен предизвикувач за светскиот шампионски појас на ИБФ.
Покрај титулата во ИБФ, Украинецот ги поседува и шампионските појаси на ВБА (Супер), ВБО и ИБО.
„На Александр Усик му беше наредено да се бори со Филип Хрговиќ. Тој е задолжителен предизвикувач. Веднаш побаравме понуда за таа борба. Хрговиќ ќе биде следниот противник на Усик“, потврди Еди Херн за ДАЗН.
И Филип неодамна беше меѓу кандидатите за меч против Тајсон Фјури, но Џипси Кинг договори борба против Дерек Чисора.
Но, хрватскиот тешкаш сега добива животна шанса во борбата против Усик. Дали ова значи дека мечот за апсолутен шампион е во втор план?
Неодамна, менаџерот на Усик, Егис Климас, истакна дека борбата за обединување на титулата би можела да се одржи во февруари или март следната година.
Во август украинскиот боксер уште еднаш го победи Ентони Џошуа и ги одбрани шампионските појаси на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО во тешка категорија.
Доколку се договори меч за титулата на ИБФ меѓу Усик и Хрговиќ, тогаш тоа би бил најголемиот настан за хрватскиот бокс во последно време.