Федор Емелијаненко бара оставка од првиот човек на ММА сојузот на Русија

Руската ММА легенда Федор Емелијаненко повика на оставка на првиот човек на ММА сојузот на Русија Радмир Габдулин, пренесува ТАСС. „Последниот император“ изразил недоверба кон претседателот на организацијата и го повикал да поднесе оставка.

Членовите на Советот исто така се спротивставија на кандидатурата на Габдулин. Во март оваа година Емелијаненко поднесе оставка како претседател на надзорниот одбор на ММА сојузот на Русија. Се тврди дека тоа се случило поради несогласувања со Габдулин.

Отчетно-изборната конференција ќе се одржи на 5 јуни во Астрахан. Тогаш ќе се одлучува за кандидатурата на првиот човек на организацијата.

Емелијаненко беше избран за претседател на ММА сојузот на Русија на 16 мај 2012 година. Во декември 2016 година, Федор беше реизбран на оваа функција, но во есента 2018 година, Габдулин застана на чело на организацијата.

За возврат, Емелијаненко ги презеде местата на почесен претседател и претседател на Надзорниот одбор.

Емелијаненко има скор 40-6-1 во ММА и е во серија од 2 последователни нокаут победи. Во последната борба го нокаутира Тимоти Џонсон на крајот на 2021 година во Москва. Тој загуби само една од последни пет битки во Белатор.

Годинава се очекува Федор да ја направи последната битка во својата славна кариера.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО