Фатете го олимпискиот сон

23 Јуни – Меѓународен олимписки ден!

По повод „23 Јуни“ Меѓународниот олимписки ден, ЏФСМ како дел од семејството на Олимписки спортови, а согласно повелбата на Меѓународниот Олимписки Комитет, на овој ден да се одржуваат разни спортски и едукативни настани, преку стручните лица во клубовите има организирано едукативна настава преку која на младите џудистити ќе им се дадат одредени знаења што претставуваат Олимписките игри и какво значење имаат со цел нивна понатамошна мотивација и начин на живот преку практикување на џудо спортот и остварување на нивните цели.
Во прилог интегрален дел од текстот кој е подготвен од страна на Комисијата за едукација при ЏФСМ:

„Секој спортист расте слушајќи за Олимписките игри. Овој меѓународен фестивал на спортот доаѓа на секои 4 години и за зимските и за летните игри. Оваа 2024 година е олимписка, Олимпијадата е во Париз-Франција ,а Champ de Mars Arena е домаќин на олимпискиот џудо турнир. Џудото го започна својот олимписки сон во татковината Јапонија во далечната 1964 година на ЛОИ во Токио .Не ретко вашиот најголем сон како спортист е еден ден да бидете дел од ова натпреварување и да ја претставувате вашата земја. Многумина од вас ќе сонуваат да бидат професионални спортисти или да се натпреваруваат за националниот тим на меѓународно ниво, но, сепак, крајната цел е претставување на Олимписките игри. Тоа е животна цел на секој успешен спортист. Четирите цели на Олимписките игри ги напиша Меѓународниот олимписки комитет уште во 1896 година, но секоја држава и секоја спортска федерација која држи до спортот ги има како свои олимписките приоритети:

1.Да се промовира развојот на оние физички и морални квалитети кои се основа на спортот;

2.Да се едуцираат младите луѓе преку спорт во дух на подобро разбирање меѓу себе и на пријателството, а со тоа да се помогне да се изгради подобар и помирен свет;

3.Да се шират олимписките принципи низ целиот свет, а со тоа да се создаде меѓународна добра волја;

4.Да се соберат спортистите на светот секои 4 години на еден врвен спортски фестивал наречен Олимписките игри.

Игрите не се само возбуда за да се успее да се постигнат спортски резултати, туку духовно чувство на гордост што ќе ја потврди целата ваша напорна работа и жртвување. Сржта на здравата спортска конкуренција се нарекува олимписки дух. Но таа конкуренција секогаш се наоѓа во спортистот, да е конкурентен сам на себе. „Градење мирен и подобар свет во олимпискиот дух, кој бара взаемно разбирање , пријателство, солидарност и фер игра“. Олимпсикиот дух е моќ на сон, внатрешна сила во спортистот која те води да станиш подобар човек. Само преку ваков облик може да се развие самопочит, гордост за својата нација и почит кон луѓето од другите нации. И ѝгрите се настан за да ја покажеме нашата македонска младина на светот. Поточно, да му го покажете најдоброто од себе си. Македонското џудо досега имаше 2- ца преставници на олимписки турнири и тоа : Катерина Николоска (Рио 2016) и Арбреша Реџепи (Токио 2021). Тоа е најдобрата арена за нас да му покажеме на светот преку спортот дека сме горди што сме родени во својата татковина Македонија.

Следете ги вашите спортски соништа и олимпискиот дух секогаш ќе биде во вас.Тоа не доаѓа само од себе на секои четири години, за тоа треба да се подготвуваш напорно четири години, да се почитуваш себеси , да не се плашиш или срамиш од својот статус, од конкурентите и животните предизвици, затоа што се трудиш да го дадеш најдоброто од себе. Олимпизмот е филозофија на животот што комбинира избалансирана целина на квалитетите на телото, волјата и умот. Да се биде шампион во животот е еден спортски сегмент, но да се биде ОЛИМПИЕЦ не е само спортска, туку и духовна величина.Тоа помага да развиете лични релации поврзани со вредностите на олимпиското движење, кои ќе ви помогнат да станете подобар и поуспешен човек. Сонувајте го и создадете начин на живот заснован врз радоста која излегува од напорониот тренинг, вашата научена вештина, како вредност на добар пример и почитта кон другите. Вашето семејство, вашиот клуб, вашата нација ќе биде горда и ќе се гордеете со вашиот олимписки дух.

Па драги мои џудисти, нека оваа олимписка година биде стимулативна за ваш личен напредок во спортската кариера и животот. Поставете си повисоки цели за едно скалило повеќе, верувајте во вашите вредности и усовршувајте ги. Бидете толерантни и друштвени. Издржете ги сите ваши спортски и лични напори и ќе го доживеете олимпискиот дух, сонот на секој спортист. Не е битно дали ќе бидеш на Олимпијадата, битно е да го живееш олимпизмот, да си поставиш спортски предизвици за кои ќе веруваш дека еден ден ќе успееш. Оваа е време токму за тоа, олимписката џудо програма е од 27 јули до 3 август, има многу што да се научи следејќи ги борбите. Обратете внимание на однесувањето, почитувањето, концентрацијата и техниката на олимписките џудо борци. Тоа е врв на еден спорт, поголем од сите други натпреварувања.

Пишува Јован Велески – член на Комисија за едукација на ЏФМ и поранешен советник на Меѓународниот олимписки комитет за волонтерски прашања.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО