Европските шампиони од Металург: Успеавме зашто дишевме како еден!

 

Мартин Несторовски, Виктор Крстевски Семир Ќосовиќ, Азиз Исмаил, Петар Спасеновски и Давид Петков, Емир Ќосовиќ се врвот на европскотото карате, постигнувајќи го најголемиот успех на македонското карате во екипна конкуренција во борби. Оваа екипа на Металург ја освои шампионската титула на Европското првенство за региони во Приштина-Косово, изминатиов викенд. Така, Македонија слави две титули – на Металург во карате и на Вардар во ракомет.

Металург во финалето ја совлада силната турска екипа од регионот Акендиз со 2-0. Несторвски и Спасеновски извојуваа победи, Крстевски и С.Ќосовиќ се бореа нерешено, а Исмаил немаше потреба да се бори поради обезбедената победа.

Во овој, пред се, млад состав на Металург, Мартин Несторвски е најсикусниот натпреварувач со две бронзи, едната од Европско првенство, а другата од Европските игри 2015 година и сигурно чувството на шампион е поинакво.

„Ова е прекрасно чувство! И да бидам искрен, медалот во екипна конкуренција за мене е многу поголем и подраг, бидејќи твојата борба одлучува за сите, а не само за вас самиот! Затоа овој медал е толку голем и драг“, вели Несторовски кој има континуитет од три медали на големите меѓународни натпреварувања.

Како најискусен го предводеше Металург до првото место, но е и мотиватор на помладите клупски другари, кои исто така се носители на медали, но во младинска и кадетска конкуренција.

„Како најстар и најискусен во оваа екипа имав поголем притисок за тоа како да ги мотивирам. Затоа мотивацијата и за мене и за нив почна уште пред да отидеме на ЕП, односно уште на тренинзите и со тоа момците веќе беа мотивирани. Исто така, имав и дополнителен притисок да не потфрлам во мечевите, бидејќи, како лидер, ако си дозволам да изгубам и да ми падне мотивацијата, тогаш тоа ќе го осети целиот тим, затоа што ние бевме и дишевме како еден“, катрегоричен е Несторвски!

За то како го доживеал финалето Мартин вели:

„Во финалето бев многу релаксиран. Тоа цело време им го зборував на моите колеги, за да ги релаксирам и нив и да не чуствуваат притисок. Едноставно, верував дека ќе бидеме шампиони“.

Се поставува и прашањето дали е ова рецептот и за успех во репрезентацијата или како што вели нивниот тренер Мирче Јанушевски: „Гинеа еден за друг и беа максимално дисциплинирани“!

„Секако дека ова е вистинскиот рецепт за успех. Дисциплина и тимски дух, ако го нема ова, тогаш победата ќе биде многу далечна“, категоричен е Несторосвки.

Петар Спасеновски вели дека е одлчино да се биде прв како екипа:

„Се надевам и посакувам секој спортист, барем еднаш да го доживее, затоа што чувството е неопишливо“.

Тој истакнува дека во финалето не размислувал многу, само подготвиле добра тактика и добар распоред.

„Бев сигурен дека ќе победиме“, вели уверливо Спасеновски!

Петар е убден дека овој состав на Металург може да биде и репрезентативен, бидејќи сите се во врвот на македонското карате.

Азиз Исмаил од страна на тренерот Јанушевски беше поставуван како петти натпреварувач, за да го о длучува мечот, што е голема доверба. Тоа е големо признание, но и огромен притисок.

„Поставувањето како 5-ти борец не ми правеше притисок. Мојот тренер мислеше тактички и затоа мене ме остави на крај, како сигурен победник. Решавачката борба секогаш знае да биде интересна, поточно атрактивна. За мене ништо не менува тоа дали сум под број 1 или број 5. Едно е јасно, секој треба да го даде максимумот и да му помогне на својот тим, а ние тоа многу убаво го реализиравме“, нагласува големата карате надеж Азиз Исмаил кој немаше потреба да настапи во финалето, бидејќи неговите другари ја завршија работата: „Во финалната борба мечот се реши со 4-тата борба, па така немаше потреба за петата. Се разбира сакав и јас да настапам, но моите колеги беа супериорни“.

Азиз е убеден дека овој стсотав со истата страст може да освои и репрезентативен екипен медал: „Се разбира, настапувавме со млада екипа која е дел од репрезентацијата на Македонија“.

Разбивач – така ја нарече улогата на Виктор Крстевски во екипата тренерот Јанушевски кој секогаш го поставуваше за стартер во борбите,а во финалето оваа тактика беше 100 отсто успешна. Овој успех има големо занчење за картист со потенцијалот на Крстевски.

„За почеток сакам да искажам големо задоволство што една подмладена екипа на нашиот клуб успеа да стигне до толку голем успех и да го освоиме единствениот златен медал од Европско првенство за региони во историјата на македонското карате.

Мојата улога во екипата, како што кажа тренерот „разбивач“, беше во секој од мечевите да се борам во првата борба со цел да се отвори резултатот во наша полза. Што се покажа како правилен пристап. Во борбите против екипите на Косово Б и Подгорица успеав да извојувам победи, а во финалето, и покрај тоа што во текот на целата борба имав иницијатива, резултатот на крајот беше 0-0, и тоа со еден од најдобрите турски натпреварувачи. Тоа ни остави простор во следните борби да направиме позитивна разлика. Заради тоа некогаш и нерешениот резултат е еднаков на победа“, констатира Крстевски.

Кога млад каратист ќе добие одговрна улога во тимот и доверба, сигурно и чуството е поинакво.

„Довербата дадена од тренерот да се борам на мојата омилена позиција во екипните мечеви, на првата позиција, пред се е обврска за отварање на резултатот во наша корист и повлекување на екипата кон победа, што на овој турнир беше случај во секој од мечевите“.

Крстевски вели дека титулата е од огромно значење за сите, заради тоа штоза прв пат во историјата на македонското карате е освоен златен медал на ЕП за региони.

„Тоа не прави горди на постигнатиот успех“, истакнува Виктор кој дополнува дека следна работа е семинарот во Црна Гора и летните подготовки за следната сезона.

 

Семир Ќосовиќ вели дека се биде европски шампион е прекрасно чувство.

„Можам да кажам само дека ми е чест и задоволство што сум дел од овој тим“, категоричен е Ќосовиќ.

Максималната дисцплина и експлозивноста се главните карактеристики во неговоите борби, посебно во финалната, констатираше неговиот тренер.

„Во финалната борба веќе имавме предност од 2-0, доволно беше да изборам нерешен резултат за да дојдеме до златниот медал. Секако, во борбата влегов со добра тактика подготвена од страна на нашиот тренер Јанушевски. Го дадовме максимумот, не само јас, туку целата екипа и за тоа успеавме“, тврди Семир и додава:

„После толку време осетив голема желба за победа во секој член од тимот, ја посакувавме победата, верувавме самите во себе, ја научивме грешката што ја правевме константно во предходните години. Поточно, научивме да ја контролираме желбата за победа и во борба да останеме смирени и сконцентрирани од првата до последната секунда“.

За наредните палнови вели:

„Следна цел е Бергерот кој ќе се одржи овој викенд. Треба да го обезбедам местото во репрезентација во У-21. Потоа ќе започнеме со подготовките и ќе се сконцентрираме на Светското првенство кое ке се одржи во месец октомври, а тоа е доволен период да се подготвам, како физички така и техничко-тактички. Верувам во понатамошни резултати“!

 

Давид Петков е еден од најмладите натпреварувачи на Металург кој имаше одлично деби против Црна Гора завршувајќи ја борбата нерешено, па затоа чувствата надираат сами од себе.

„Да се биде шампион е феноменално чувство. Со Црна Гора бев втор во состав, имав позитивна трема, затоа што сепак се работи за екипа, една мала грешка може многу да резултира. Резултатот одговараше да биде нерешен, поради тоа што имав незгоден противник и имавме водство 1-0, немасе потреба да се брза. Металург до највисокото одличје стигна со одлични борби, паметно и машки изработени“, рече Петков.

Иако не влезе на татамито Емир Ќосовиќ беше подготвен да ги оствари татктичките замисли на тренерот Мирче Јанушевски.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО