Европскиот шампион Бобан Илиоски: Ќе направам нешто што никој го нема направено и со што ќе се гордее македонскиот народ

Бобан Илиоски годинава го постигна најголемиот успех во кариерата со освојувањето на европската титула. Тоа е и најголем успех на македонски спортист во годината што изминува

Да потсетиме, Илиоски во борбата за златниот медал го совлада Христо Калајџиев од Бугарија со 3-0 на Европското кикбокс првенство за сениори во Анталија, Турција.

Илиоски и кандидат за спортист на Македонија, а тоа и го заслужува.

Во краток период се измешаа чувствата на радост и тага. Илиоски беше тој што ја извести македонската јавност за ненадејната смрт на неговиот многу добар другар Стојан Спасов кој починал од срцев удар.

И покрај се, Илиоски е фокусиран на целите поставени пред него со кои ќе се гордее македонскиот народ.

„После се почнувам со подготовките за 2023 година. Ќе направам нешто што никој го нема направено“, ветува европскиот шампион Бобан Илиоски во интервјуто за Ипон.мк

Со освојувањето на европската титула ги заокружи настапите на големите приредби со највредното одличје – златниот медал. Што значи оваа титула за тебе?

– Титулата отскочна штица и олеснување во подготовките за понатамошната професионална кариера.

Кои се следните планови, и во аматерска и во професионална конкуренција?

– Во аматерска конкуренција приоритет ми е Светското првенство во Португалија 2023 година. Во професионална конкуренција имаме големо изненадување за обожавателите на кикбоксот во Македонија. Не се знае точно кој период. Исто така, Холандија е следната станица каде што ќе тренирам и ќе се натпреварувам со луѓе од светска елита и најдобра класа.

Во Коња имаше и публика што те бодреше од трибините. Од какво значење беше присуството на публиката?

-Публиката за мене има голем удел во моите мечеви. Кога се борам сакам секогаш да биде задоволна од мене, без разлика на исходот од тој меч.

На твоите настапи имаш посебен приод. На Сенши во Бугарија на рингот излезе во стилизирана униформа како Јане Сандански. Дали тоа те мотивира и каква порака испраќаш?

-Практикувам на настапите, односно влегувањето во рингот да биде со македонска патриотски песни. Тоа ми дава дополнителен мотив и волја да дадам сè од себе, да докажам дека Македонците имаат борбени гени.

Од друга страна, среќен сум што имам тренер и ментор како Дејан Митровски-Урко. Заедно имаме големи планови и ветуваме дека ќе достигнеме успех со кој Македонија ќе биде горда. Исто така, со тоа ќе ја подигнеме свеста на младите да се занимаваат со кикбокс и да го живеат спортот.

Неодамна беше на голем настан во Холандија на најдобрата кикбокс организација Глори. Може ли да очекуваме настапи со најдобрите професионалци?

– Да, присуствував на тој настан. Следните две години, со Господ напред, фокусот е некоја од големите организации, како што се Глори, ОНЕ Чемпионшип. Ова е мојот живот и ќе правам се мојата фамилија и луѓето што ме поддржуваат и цела држава да бидат горди на мене.

Често пред настапите одиш во Бигорскиот манастир. Каква енергија црпиш од таму?

– Често пред натпреварите престојувам во манастир. Тоа ми дава дополнително смирение и фокус, за во борбите да бидам со чиста душа.

Резултати Европско првенство:

Лоу кик

-86 кг

Бобан Илиоски – Мартин Лоренц (Чешка) 3-0

Бобан Илиоски – Борна Манојловиќ (Хрватска) 3-0

Финале

Бобан Илиоски – Христо Калајџиев (Бугарија) 3-0

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО