Енди Руиз побара 50 милиони долари за реванш со Џошуа во Велика Британија

Енди Руиз-Јуниор побара 50 милиони долари за реваншот со Ентони Џошуа во Велика Британија, објавија медиумите на Островот. Го сметаа за асолутен аутсајдер мексиканскиот боксер предизвика вистински земјотрес во тешка категорија минатата сабота, кога го нокаутира светскиот шампион на ВБА, ВБО и ИБФ во седмата рунда од мечот во Њујорк. По шокантниот пораз, Британецот веднаш ја активира клаузулата за реванш, што треба да се одржи во ноември или декември.

Стадионот „Милениум“ во Кардиф е фаворит за нивната средба, но Медисон сквер гарден и Т-Мобиле во Лас Вегас се во опција.

За првиот меч со Џошуа, Енди Руиз зема „скромна“ сума од 7 милиони долари. Но, како што велат, апетитот доаѓа со јадењето.

„Во моментов мојот тим преговара. Јас само треба да се одржувам во форма, да бидам здрав и подготвен за реванш“, рече тој во интервју за ТВ Фајт хаб.

„Знаете дека би сакал да се борам во САД или Мексико. Се зависи од преговорите. Ако од штабот на Џошуа сакаат да одат во Велика Британија, ќе треба да ми дадат 50 милиони долари. Ако сакаат да дојдат тука … сè е прашање на договор“, појаснува Руиз.

Руиз има желба втората борба да се одржи во Мексико, но тоа е многу малку веројатно, бидејќи условите за реваншот се поставени во прелиминарниот договор.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО