Каратистот Емил Павлов е спортист на годината за 2016 година на Штип.
До оваа признание Павлов дојде по освојувањето на бронзениот медал на Европското првенство во Монпелје, Франција, минатата година, но и златото на Балканското првенство во Истанбул и второто место на Карате 1Премиер лигата во Салцбург, Австрија, како и титулата државен првак во категоријата до 60 килограми.
„Ова е едно големо признание за мене, за сите оние достигнувања во 2016 година. Ова е една голема мотивација за мене, се надевам дека и оваа година ќе продолжам во исто темпо и ќе постигнувам уште поголеми резултати, како за градот Штип, така и за Македонија“, изјави Емил Павлов за медиумите во Штип.
Павлов ветува добри резултати и годинава, почнувајќи од Државното првенство на почетокот на март, потоа настапот во Премиер лига во Ротердам, Холандија, за круна на сезоната да биде Европското првенство.
Комисијата ги избра и најдобрите во останатите возрасни категории соопшти претседателот на Комисијата, Борче Коцев: „Во пионерска категорија за најдобар спортист е Давид Мишев од Боречкиот клуб Балканец, во кадети е Јована Арсова од Кик бокс клубот Гладијатор, додека во младинци е избран пингпонгарот Петар Костовски.
Покрај најдобрите спортисти, беа дефинирани и најдобрите училишта во училишен спорт, основното Тошо Арсов за футсал и средното медицинско Јане Сандански за карате и фрлање на ѓуле.
Избрани се најдобрите спортски педагози и судии. Најдобри тренери се Сашко Арсовски во поединечна категорија, а Трајче Тасевски во колективен спорт. Од наставници, по предлог на училишниот спорт, се избрани Мијалче Маџаров и Звонко Рунчев, а за најдобри судии се избрани Иван Јовановски и Стефан Јанков.
За спортска афирмација на Штип признанија ќе добијат Бобан Николов, Влатко Митков и Мартин Поповски.
Додека за најдобар надежен тренер е избран тренерот на Кик бокс клубот Гладијатор, Кирил Нацев.
Свечената церемонија на доделување на признанијата ќе се одржи во петок на 27 јануари во 18 часот.
Ipon.mk/K.M.