Хамза Јашари минатата недела на Европското првенство во џудо за кадети го освои бронзениот медал со кој влезе во историјата на македонското џудо како прв освојувач од Македонија на одличје од официјално големо натпреварување.
Јашари прикажа одлични борби и освои пет ипони, може да жали што не се бореше за златниот медал. Сепак, покажа дека не се случајни неговите медали во Европските купови, а Меѓународната џудо федерација (ИЏФ) пред почетокот на шампионатот го вброи меѓу фаворитите за медал, бидејќи Хамза Јашари на Европските купови освои три медали – 2 златни и 1 сребрен. Златните медали ги освои во Загреб 2018 и Гиор – Унгарија 2017, а сребрениот на Фолоника 2018 во Италија, додека на Африканскиот куп во Тунис 2018 го освои сребрениот медал.
Негов следен предизвик ќе бидат младинските Олимписки игри во Буенос Аирес – Аргентина.
Како е да се биде прв освојувач медал на едно Европско првенство?
-Се чувствувам одлично и среќен сум што го донесов првиот медал за Македонија од Европско првенство.
Важеше за фаворит и пред почетокот на ЕП. Имаше ли трема пред почетокот?
-Бев многу самоуверен и без никаква трема пред почетокот.
Многу брзо го реши Германецот Денис Мауер. Дали веруваше дека толку брзо, па и лесно ќе ја добиеш борбата за историскиот бронзен медал со златен сјај?
-Во одлучувачката борба за медал пресудна беше желбата за победа што резултираше со ипон за само 9 секунди борба.
https://youtu.be/wU4CF1WxFg8
Клучната борба за влез во полуфиналето и можност да се добие шанса да се бориш и за златниот медал ја загуби од Хавиер Пена Инсаусти. Што пресуди во тој меч?
-Тактичка грешка беше пресудна во борбата со Шпанецот. И, до ден-денес сметам дека исходот можеше да биде во моја корист. Но тоа е спортот, одиме понатаму.
Со тебе беа и тренерот Игор Паскоски и инструкторот ангажиран од МОК, Габриел Сапта. Колку тоа влијаеше на самодвербата и освојувањњето на медалот?
-Секако присуството на мојот тренер Игор Паскоски и ИЏФ експертот Габриел Сапта беше од пресудно значење за освојувањето на медалот. Напорно и тимски работевме, и еве, конечно, тоа вроди со резултат кој долго беше посакуван. Секако, голема заслуга имаат и останатите џудисти со кои тренираме заедно и се подготвуваме за натпреварите. Благодарен сум на поддршката од семејството и мојот матичен клуб Миоки.
На ред се младинските Олимписки игри во Буенос Аирес во Аргентина. Ќе се радува ли Македонија и на олимписки медал?
-Доколку добијам шанса за учество и доколку ми се пружат услови за добри подготовки Олимпискиот медал не е недостижен.
Резултати
-66 кг – 35 натпреварувачи
Хамза Јашари – Артјос Хоменко (Латвија) 1-0 (ипон)
Хамза Јашари – Даријан Фалетар (Босна и Херцеговина) 1,1-0 (ипон, вазари)
Хамза Јашари – Хавиер Пена Инсаусти (Шпанија) 0-1 (ипон)
Репсаж
Хамза Јашари – Космин Букатару (Романија) 1-0 (ипон)
Хамза Јашари – Умалт Демирел (Турција 1,1-0 (ипон, вазари)
За бронза
Хамза Јашари – Денис Мауер (Германија) 1-0 (ипон)
https://youtu.be/fZfOQO8IlR4
https://youtu.be/oILnBuJHTKk
Ipon.mk/В.Д.