Еди Херн: Вајт ќе молчи сега, за да зборува на рингот

Дилиен Вајт нема да губи време и енергија за да влезе во вербална пресметка со Тајсон Фјури. Ова го соопшти менаџерот Еди Херн. Според него, такво нешто би било бесмислено, со оглед на способноста на „Џипси кинг“ да ја плени публиката со своите ораторски способности.

Тие ќе се соочат, најверојатно, во средината на април, во битка за титулата во тешка категорија на ВБЦ. Тимот на Фјури победи на аукцијата, а за средбата понудиле 31 милион фунти. Парите се рекордни во историјата на боксот. Херн ја понуди сума од 24 милиони фунти, но се покажа дека е недоволна.

„Се уште немаме договор со Френк Ворен и Боб Арум. Но, тоа се нормални практики, очекувам тоа да се случи за една недела. Немам никакви грижи од ваква природа. Нема што многу да се каже. Тие победија на аукцијата, на нив е да го промовираат мечот, нема што да загубиме“, изјави Херн.

Тој го советува Дилиен Вајт да не зборува многу.

„Тој отиде на тренинг. Понекогаш тишината е подобра стратегија. Особено кога станува збор за меч со Фјури. Не гледам причина Вајт да се впушти во вербална битка со него. Нека тренира, работи во теретана. Сега ќе молчи за подоцна да зборува во рингот“, се закани Херн.

Се очекува тие да се соочат на 23 април. Фаворит за домаќин на настанот е стадионот „Принципалити“ во Кардиф.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО