Еди Херн откри како Џошуа може да се бори со Хрговиќ по Нгану

Промоторот на Џошуа, Еди Херн, пред две недели изјави дека поранешниот шампион ќе се бори против Филип Хрговиќ за титулата во ИБФ, а потоа за неколку дена ја прошири листата на потенцијални противници на Еј Џеј на уште две имиња – Жилеj Жанг и Френсис Нгану.

Но, боксерите испаднаа од комбинациите, а Ентони Џошуа договори меч против поранешниот шампион на УФЦ, Нгану. Нивната пресметка ќе се одржи на 8 март на голем настан во Саудиска Арабија.

Во октомври минатата година Френсис го имаше првиот боксерски меч против шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури и во таа борба остави одличен впечаток. Посебно ќе остане запаметен моментот од третaта рунда кога камерунскиот удирач го испрати Кралот на Ромите во нокдаун.

Во интервју за The MMA Hour, Херн истакна дека Еј Џеј се соочува со опасен противник, а поразот против Нгану би изгледал многу грдо.

„Очекувам да почнат да се објавуваат снимките на кои велам дека Френсис Нгану не можеше да ја освои ни титулата англиски шампион, а договори борба против Тајсон Фјури. Но, тој ја заслужи можноста и чувствувам дека сигурно ќе продолжи на тоа ниво. Ми се допаѓа што договоривме меч меѓу Џошуа и Нгану. Френсис е опасен, но верувам дека Еј Џеј ќе го нокаутира. И ќе го растргне  и ќе го нокаутира“, истакна Еди Херн и подвлече:

„Никој не може да каже дека Нгану не е достоен противник за Џошуа. Сум слушнал дека Карл Фроч и други го кажуваат истото: „О, тоа е само грабање пари“. Не, тоа е опасна борба. Џошуа има многу да загуби на тој меч. Тој е во одлична позиција да се бори за светската титула на ИБФ. Се надевам дека тоа ќе се случи по борбата со Нгану. Поразот би изгледал многу грдо за Џошуа“.

Познатиот промотер дополнително објасни што има планирано за Џошуа по мечот со Нгану.

„Ако Фјури биде подобар од Усик, а Џошуа го победи Нгану, планот е Еј Џеј да се бори за титулата шампион на ИБФ. Се надеваме дека титулата ќе остане празна по борбата Фјури-Усик“, нагласи Еди Херн и подвлече:

„Многумина ќе речат дека требаше да ја организираме борбата меѓу Фјури и Џошуа. Никогаш нема да има можност за поголема борба во тој спорт, но тоа во моментов не е можно. Сега сите сме фокусирани на мечот меѓу Џошуа и Нгану и ќе гледаме со голем интерес за да видиме што ќе се случи меѓу Фјури и Усик“.

Борбата за апсолутен светски шампион меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик ќе се одржи на 17 февруари во Саудиска Арабија.

Хрговиќ и Џошуа би можеле да се пресметаат на почетокот на летото. Хрватскиот боксер во последниот меч го совлада Марко де Мори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО