Пред една година Ентони Џошуа доживеа огромен шок во своето американско деби.
Во њујоршкиот Медисон сквер гарден ги загуби титулите на ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО од Енди Руиз, кој го замени неговиот првично планиран противник Џарел Милер по неговиот пад на допинг-тестот.
Британецот загуби со прекин во седмата рунда во меч во кој беше целосно совладан, иако тој беше првиот што го собори Руиз, но во реваншот во Саудиска Арабија пет месеци подоцна го совлада Мексиканецот и си ги врати изгубените ремени.
Џошуа за враќањето на врвот во тешка категорија му се заблагодарува на лојалноста на неговиот тим.
„По поразот, имате време да размислите. Но, после тоа никој од момците од мојот тим не отиде да се забавува по Њујорк. Кога толку многу години само победувате, може да ви падне на памет дека овие луѓе се со вас само во добри времиња. Но, останаа со мене и не ме напуштија. Тоа го сфатив дури кога имав време за себе во осаменоста … Никој не се промени. Луѓето ве сакаат кога победувате, но сфатив дека ме сакаат заради тоа кој сум и што претставувам“, рече Е.Џ.
Џошуа во следната борба го чека задолжителниот предизвикувач на ИБФ, Кубрат Пулев. Новиот датум за борбаата, првично закажана за јуни, сè уште се чека. Иако пулската Арена е една од опциите, Британецот се надева дека ќе боксира пред домашната публика, а неговиот промотор Еди Херн чека одлука кога барем некои навивачи би можеле да ја следат борбата во живо.