Џошуа се бори со психички проблеми

Ентони Џошуа се бори со проблеми со менталното здравје. Ова го изјави неговиот нов тренер Роберт Гарсија. Според него, една од улогите што ќе ја игра како дел од штабот на Еј Џеј е да ја подобри психичката состојба пред реваншот со Александар Усик.

Британецот летово ќе се обиде да ги врати светските титули на ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО. Натпреварот требаше да се одржи на 23 јули, но најверојатно ќе биде еден месец подоцна, со дестинација повторно во Саудиска Арабија.

„Многу боксери, кога првпат губат, паѓаат во сериозна состојба. Претпоставувам дека истото беше и со Ентони по првиот меч со Енди Руиз. Тоа психички ги погодува, почнуваат да размислуваат за крајот на кариерата. Сега по мечот со Усик ова повторно му се случи на Еј Џеј. И токму тоа сакам да го поправам“, изјави Гарсија.

Тој е убеден дека заедно со остатокот од тимот на Џошуа ќе се справи со оваа задача.

„Тој изгради тим кој работи многу напорно во оваа насока. Не сум само јас, туку и Анхел (Фернандез) помага, како и другите околу нас. Тој ангажираше многу паметни луѓе затоа што сака да се промени, сака да ги надмине овие загуби и ќе успее. Еј Џеј е неверојатен и на сите ќе им докаже дека е најдобар“, изјави Роберт Гарсија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО