Џек Катерал со одличен настап го победи Џош Тејлор и му се реваншира за поразот пред две години

Англичанецот Џек Катерал со едногласна одлука го победи Шкотланѓанецот Џош Тејлор во одличен боксерски меч во „Фрст директ арената“ во Лидс, што беше негов втор пораз во низа.

Тејлор е поранешен апсолутен шампион во суперлесна категорија, кој минатата година го претрпе првиот пораз во кариерата од Теофимо Лопез.

А Катерал и Тејлор веќе еднаш се сретнаа во рингот. Во февруари 2022 година шкотскиот борец ги освои и ги одбрани шампионските појаси на ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ и ВБО.

Џек чекаше нешто повеќе од две години за реванш, а во меѓувреме ги победи Дараг Фоли и Хорхе Линарес.

Победникот од саботната борба повторно го решаваа судиите, а овој пат предноста отиде на страната на англискиот боксер.

Тејлор премногу осцилираше во реваншот, додека Катерал го задржа ритамот и со паметна тактика го градеше патот до победата.

Сите тројца судии бодуваа во негова корист, двапати 117-111 и 116-113.

Познатиот промотер Боб Арум по мечот не го криеше разочарувањето од поразот на Тејлор.

„Видов се. Судиските картони се срамни, апсолутна срамота. Навистина ми е жал за Џош. Верувам дека победи, а судиите како бодуваат е смешно. Ова е лекција и затоа никогаш не дозволувам моите американски боксери да боксираат овде, додека мечот го бодуваат Британци. Бодувањето беше срамно“, изјави Боб Арум.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON