Дубоа пред спектаклот против Еј Џеј на исполнетиот Вембли: Кога сум во рингот стравот ми е пријател

Британскиот боксер Даниел Дубоа на 21 септември на голем настан на Вембли против сонародникот Ентони Џошуа ќе го брани шампионскиот јпојас на ИБФ во тешка категорија.

Победникот од таа борба најверојатно ќе добие шанса да ги обедини титулите против подобриот од мечот меѓу шампионот Александар Усик и Тајсон Фјури, кои имаат реванш во декември.

А до мечот во Лондон остануваат уште две недели, Даниел и Ентони ги приведуваат своите подготовки кон крајот. Дубоа најавува дека ќе биде апсолутно подготвен за мечот против Еј Џеј.

„Кога сум на тренинг камп, го изострувам умот. Постојано поминувам низ борбата, медитирам и само визуелизирам. Работам многу, тренирам и имам многу спаринг. Атмосферата во кампот најмногу ми одговара“, изјави Даниел Дубоа, кој пред седум години беше спаринг партнер на тогашниот шампион Еј Џеј:

„Не сум тука за спаринг, едвај чекам да се борам со Џошуа, само на тоа размислувам. Тоа беше големо искуство за мене во тоа време, но седум години подоцна јас сум поинаков борец. Сега сум многу поискусен“.

Дубоа (21-2, 20 КО) оттогаш загуби од Усик, а во последната година оствари две убедливи победи со прекин против Џарел Милер и Филип Хрговиќ.

Во последниот меч на почетокот на јуни, Дубоа со прекин во осмата рунда го совлада најдобриот хрватски боксер и го освои привремениот светски шампионски појас на ИБФ, кој подоцна го замени за вистинскиот, откако Александар Усик го ослободи.

„Зад мене е неверојатно патување кое се уште не е завршено. Чувствувам дека собрав сила да продолжам и да бидам подготвен за следниот предизвик“, истакнува Даниел Дубоа и додава дека нема да подлегне на пеколната атмосфера на Вембли каде ќе се соберат повеќе од 90.000 фанови:

„Не можете да дозволите тоа да се случи. Можно е во одреден момент да ве совлада стравот, но тогаш мора да останете храбри! Секој борец мора да чувствува страв, бидејќи ако воопшто не се плашиш, тогаш си луд. Но, стравот е добар и кога сум во рингот тој ми е пријател“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО