Дубоа: Јас сум гладијатор, јас сум воин. Сакам да го достигнам врвот на овој спорт!

Британскиот боксер Даниел Дубоа го нокаутира сонародникот Ентони Џошуа во петтата рунда од борбата за светската титула на ИБФ во тешка категорија и го задржа појасот што му беше доделен откако Александар Усик го ослободи.

Долгоочекуваната борба на стадионот „Вембли“ во Лондон имаше сосема поинаков исход од оној што го најавија поранешниот двократен светски шампион, 34-годишниот Ентони Џошуа и 27-годишниот Даниел Дубоа, и покажа за каков борец се работи.

Уште од првиот удар на гонгот Дубоа го нападна фаворизираниот сонародник и првпат успеа да го собори со кроше кон крајот на првата рунда. Дубоа го нападна Џошуа и во втората рунда, што предизвикувачот го издржа без броење.

Кон крајот на третата рунда Дубоа уште еднаш го затресе противникот, кого повторно го спаси гонгот. Чувствувајќи ја слабоста на Џошуа, Дубоа тргна на победа во четвртата рунда во која неговиот противник за чудо остана на нозете.

Но во петтата рунда Џошуа не можеше повеќе да издржи. Кон крајот на првата минута налета на уште еден брутален удар од противникот и заврши на подот, што беше крај на борбата.

„Имам само неколку зборови: Нели се забавувавте?! Долг беше патот. Благодарен сум што сум на оваа позиција. Јас сум гладијатор, јас сум воин. Сакам да го достигнам врвот на овој спорт … Ова е моето време, мојата приказна за искупувањето и нема да застанам додека не го достигнам својот целосен потенцијал“, изјави Даниел Дубоа во рингот по борбата.

„Честитки за него и неговиот тим. Имав прецизен противник, брз противник и направив многу грешки, но така е тоа во оваа игра“, изјави Ентони Џошуа по четвртиот и воедно најтежок пораз во кариерата а има скор 28-4-0.

Даниел Дубоа на Вембли стигна до 22. победа во професионалната кариера сега има скор 22-2-0.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО