Некогаш очекувањата се попусти ако претходно имало неуспеси. Но, малкумина се оние што нуспехот го сметаат за голем предизвик и од него изникнуваат како феникс. Ова може да се каже за момчето кое на 14 години ја напушта популарната кошарка, со која се занимавал од 6-годишна возраст, а не сакал да зависи од други, односно дали ќе му ја додат топката или не. Годинава на европските првенства во Билбао и Марибор, иако важеше за фаворит не освои медал. Затоа, пак, на Светскиот куп „Хрватска опен“ го освои првото место и беше прогласен за најдобар на турнирот.
Едноставно, тоа е Димитар Георгиев, двократниот светски првак во кик бокс, кој на Европските првенства во Шпанија и во Словенија не се качи на тронот, а во Сплит експлодираше.
„Не мора да се надеваш на другиот, од тоа дали ќе те проигра или не, затоа го одбрав кик боксот. Во кик боксот не се потпираш на другиот, туку на себе“, објаснува неготинецот Димитар Георгиев од кои причини се определил за овој спорт.
Дополнителен предизвик за кик боксот не му биле некои идоли, иако ги почитува, туку тренерот Оливер Петровски, кој е коосновач на КБК Гладијатор од Неготино со Марјан Петров, кој максимално го изморил кошаркарот, можеби со намера да го одврати од оваа идеја. Така, НБА кошаркарот кој вечерва ја има првата кик бокс борба, Дарко Миличиќ, може само да се поклони пред Геогиев.
Стравувања имало и кај родителите на Димитар.
„На почетокот родителите не ми даваа да одам на државните првенства. Мислеа дека ќе изгубам борба и ќе се разочарам и ќе се откажам. Кога ги видоа првите победи, го прифатија мојот избор и ме поддржуваа“.
Бога ми, ќе направле голема грешка, зашто Димитар од 2009 до 2014 година не знае за пораз на Државните првенства, а 2011 во Скопје и 2013 година во Анкара, Турција, е светски шампион. Во 2012 година во Букурешт, Романија, за малку му избега европското злато, а на Меморијалниот турнир „Љупчо Неделковски“ минатата година ја има првата професионална борба. Прво па машко. Прогласен е и за најдобар борец на турнирот. Вкупно има 80 борби,од кои 16-20 се изгубени, од кои 10 ги добил со нокаут.
Кога најмалку се очекуваше резултат, помалку испратени и со скепса, во Макрска го освои првото место на Светскиот куп „Хрватска опен“, вооедно беше прогласен и за најдобар на турнирот. Тоа е одлика само на големите спортисти, иако квалитетот можеби не е на нивото на ЕП, но е доста силно натпреварување.
„Имав мала криза на мотивационен план за време на Европските првенства. Ми фалеше самодовербата. Изгорев во желбата да го освојам златниот медал што ми недостасува, бидејќи сите го очекуваа тоа од мене. За неуспехот, не сакам да ги обвинувам судиите. Ако е човек доволно подготвен, никој не може да ти наштети.
Едвај чекав некој турнир за да си докажам дека можам да бидам најдобар. Се надевав и се молев на Светскиот куп да се појави Словенецот, од кого изгубив на Европското првенство. За жал, не дојде, па морав бесот да го истурам на противниците што се појавија на Купот. До сега, во мојата кариера сум се чувствувал најсигурно“.
Тој не прави некоја стриктна разлика меѓу аматерски и професионален кик бокс, затоа што работи како професионалец, а и од тоа заработува. Смета дека турнирските настапи се потешки оти има по 4-5 мечеви, додека во профи мечевите е едена борба. Сепак, сака да излезе во рингот и да се бори без заштитна маска.
Димитар се натпреварува во повеќе дисциплини, но истакнува дека подобрти резултати има во кик-лајт, а поатрактивните борби ги прикажува во лоу-кик.
„Желба ми е да го изедначам резултатот кик-лајт : лоу-кик, односно од светските првенства да имам медали од двете дисциплини. Нормално, мислам на златни“.
Неговата визија е да биде најдобар на светските турнири и да ја има најдобро опремената сала за кик бокс во Македонија.
Во професиналната спортска кариера му се вмешува кариерата на правник, која ја гради на Правниот факултет во Скопје. За првата знаеме како му оди, а за втората дали му помага првата, Георгиев со насмвка вели: „За шесттка професорите ги убедувам со кик бокс, а за осмица со учење“.
За тоа како е да се биде врвен спортсит во Македонија, Георгиев истакнува дека за него е многу добро, затоа што знае е дека е без негативна енергија. Тој посочува дека кик боксот во нашата земја е ценет и интересен за многу љубители на спортот. Секако, во оваа насока и се востановените спортски стипендии на Агенцијата за млади и спорт, чиј корисник е и тој. Но, ако во спортот не се вклучи и приватниот бизнис, сигурно резултатите не би биле континуирани, а и самата стабилност на спортситот би се изгубила.
„Пред да ја освојам втората светска титула го запознав Благоја Марковски, кој ја разбра мојата желба и мојата цел. И, пред така голем турнир, користејќи ја неговото професионално искуство, ми ги обезбеди сите неопходни услови за да станам по втор пат светски првак. Но, тогаш голем мотив ми даде и Гоце Босевски од „Тојота Македонија“, кој рече, покрај тоа што ќе ме помогне финансиски, дека го освојам златниот медал тие ќе ми дадат автомобил во промотиви цели, за да стигнувам на време на тренинзи“.
Оттогаш, секоја година Димитар го вози најновиот модел на „тојота“.
За успесите на кикбоксерот од Неготино се заинтресирал и Ванчо Чифлиганец, познат како голем поддржувач на борењето, кој му ги финансиал сите настапи во 2014 година. Чифлиганец го поддржал поради јасните намери на Димитар да живее во Македонија и тука да ги прави спортските успеси, но и да си го реализира сонот во професионаните води на кик боксот.
Првите чекори во кик боксот ги прави во Гладијатор од Неготино кај тренерот Ѓорги Вучков, који денес му е тренер. Во нивниот клуб имало јуниори и сениори, а салата секогаш била исполнета.
Многу му значи поддршката од родителите, но и разбирањето од девојката, кога не може да излегува поради обврсите што ги има пред големите настани.
Како е да си светски шампион меѓу сограѓаните, според Георгиев, тие го паметат како другарот, сограѓанинот, не го гледаат како човек кој летнал во височините.
„Искрено, најпријатно се чувствувам таму, зашто не ме гледаат како светски првак, туку како Димитар. Затоа и се опуштам максимано“.
Покрај тоа што ги удира противниците, Димитар удира и по жиците од гитарата. Неговата желба е да и се посвети малку повеќе во овој период, зашто тоа најмногу го смирува.
„Другарите, обично, бараат да свирам екс-ју хитови. По 7-8 чашки, кога ќе се опуштат, свирам рок балади“, истакнува Георгиев.
Во годината што претстои Димитар ќе се обиде по трети пат да ја освои светската титула и да се поиаже во најдобро светло на куповите што се одржуваат на Балканот, како и на Мемријалниот турнир „Љупчо Неделковски“.
ipon.mk/В. Донев