Џозеф Паркер (24-0, 18 КО) во мечот со Ентони Џошуа (20-0, 20 КО) влегува по неимпресивната победа над Хјуи Фјури минатиот септември.
Шампионот на ВБО втората одбрана на титулата ја направи со повреден лакт. Вели дека сега е во топ форма благодарение на операцијата.
„Бевме ограничени поради лактот. Не ни дозволуваше да тренираме 100%. Но, овој пат нема изговор. Ако победам, јас сум најдобриот во светот. Ако изгубам, тогаш тој е најдобриот. Ми се врати брзината, силата и треба само да ги искористам за време на борбата“.
Паркер се надева дека ќе се најде во иста ситуација како и Владимир Кличко, кој го имаше Британцот за време на нокдаунот во текот на нивната борба на Вембли. Но, ветува дека нема да дозволи противникот да „избега од јадичката“.
„Знам дека ќе биде готов ако го погодам чисто. Нема да му дадам шанса да се опорави. Ќе го прогонувам и ќе го завршам. Тој делува луто и нервозно. Јас дојдов да победам и тоа ќе го сторам“.
Во согласност со веќе виденото од борци со самоанско потекло, Паркер не чувствува страв.
„Јас сум шампион. Дојдов тука да ги земам неговите појаси, така што ако тој мисли дека ова е само борба што ќе го однесе до посакуваната цел, нека му е“, изјави тој за Скај спорт.
„Но, тука сум да ги земам појасите и да ги однесам дома за себе, за мојот тим, за моето семејство и за мојата земја“.
Паркер го коментираше и тврдењето на Јошуа дека никој не може да го победи.
„Може да кажете дека тоа е ароганција, но тоа не е релано. Се разбира дека може да се победи. Тој не е Бог, тој е човечко суштество и тоа ќе го докажам тоа во сабота навечер“.
„Ние сме тука поради предизвикот. Ние ги сакаме предизвиците и се што има тој, ние ќе го направиме подобро. Напорно работевме на оваа борба. Се подготвивме и како што реков верувам во себе. Би бил изненаден ако успее да ме фати“.