Македонија на Европското кик бокс првенство за сениори во Братислава, Словачка, отпатува со тројца натпреварувачи, поради финансиите, а се врати со два медали – златен и бронзен, што е огромен успех. Димитар Ѓоргиев стана европски шампион во лоу кик, а Бобан Илиоски го освои бронзнениот медал во К1.
За настапот на нашите репрезентативци разговарвме со селекторот Дејан Митровски – Урко кој ги изнесе мислењата за учинокот на репрезентацијата.
„Европското првенство во кик бокс во Братислава го завршивме со еден златен и еден бронзен медал. Македонија на ова првенство зема учество со тројца натпреварувачи. Филип Ризов во дисциплината кик лајт кој го заврши првенството уште во првата борба. Тој загуби со поен разлика од Италјанецот и тоа во последните секунди од третата рунда. И покрај тоа што водеше и доминираше во целата борба, во сите рунди, на крајот се опушти и ја изгуби борбата. Според мене, тој ќе ја добиеше борбата доколку повеќе го слусаше тренерот во аголот кој го советуваше за тактиката на борбата“, смета Митровски и додава дека Ризов е одличен борец и дека во иднина ќе работат со него на отстранување на пропустите кои се покажаа на ова ЕП.
„Вториот натпреварувач, Бобан Илиоски, првата борба против Гај Гошиќ од Хрватска ја доби со прекин во почетокот на втората рунда, што беше очекувано по третото броење на судијата. Во втората борба со Белорусинот Димитри Баранау првата рунда Илиоски добро ја започна, наметна свое темпо и прв напаѓаше, но во втората дозволи Белорусинот да наметне свој ритам. Речиси во целата борба резултатот беше нерешен, но кон крајот на третата противникот поведе и Бобан ја загуби борбата. Сметам дека Илиоски се штедеше и тактизираше, за да има кондиција до крајот, незалагајќи се 100 отсто и не напаѓаше како што знае тој. Бронзата лесно можеше да биде злато доколку Илиоски беше малку поподготвен кондиционо, бидејќи Белорусинот на ЕП се закити со златен медал, што според мене беше очекувано, со оглед на квалитетот кој го поседува Илиоски. Третиот натпреварувач, Димитар Ѓоргиев го обели образот на македонскиот тим. Ѓоргиев во првата борба против Озелме Унал од Турција водеше во трите рунди со 3-0, што беше и краен победнички резултат. Во текот на целата борба доминираше и поентираше и без форсирање, ја контролираше борбата. Втората борба против Милош Цвјетичанин од Србија (минатогодишниот светски првак) Ѓоргиев ја заврши со резултат и со победа од 3-0. Во оваа борба Ѓоргиев се бореше паметно, сигурно одработена од негова страна. Без да се впушта во авантуристички и ризични размени на удари. Сите комбинации му беа одмерени, сигурни и слушаше што му се укажува од аголот, затоа и победи.
Последната борба на Ѓоргиев против Рамазан Баксанов од Русија беше најнапорна, бидејќи Русинот беше многу поснажен и одеше на сила, но, од друга страна, Ѓоргиев паметно ја одработи борбата без опуштање. Тој не ги прифати темпото и стилот на борба на Русинот, туку работеше паметно на дистанца и си наметна борба, како што му беше укажувано од аголот, водеше во текот на целата борба. Димитар се враќа во форма. Убеден сум дека следната година по четврти пат ќе го освои светското злато, но овој пат во ринг“, ги анализира настапите на медалистите селекторот на репрезентацијата Митровски.
Како заклучок и компарација истакнувам: „Македонија споредено со Турција со 53 натпреварувачи, Русија со 35, Хрватска со 34, Италија со 34 и останатите држави со исто така повеќе натпреварувачи од нас, а ние со само тројца кикбоксери од ова Европско првенство се враќаме со два медали (златен и бронзен). Резултатот на нашиот тим е за почит и пофалба, но во исто време и наше оправдание кон Агенцијата за млади и спорт на РМ за целокупната помош и поддршка која ни ја дава за реализација на нашите спортски активности, настапи и квалитети. Кик бокс мај тај федерацијата на Македонија упатува апел за понатамошна уште поуспешна соработка со АМС и нејзина финансиска помош и заложба на вакви престижни натпреварувања да оди нашата репрезентација во што поголем број. Така ќе носиме и повеќе медали, бидејќи Македонија има борци кои се сериозни претенденти за медал и им парираат на сите натпреварувачи од другите држави кои се поголеми и поразвиени, а имаат и поголеми финансиски можности да ги поддржат своите борци“.
Но, Митровски нагласува дека некои работи не зависат од тоа кој од каде доаѓа, туку дека се до самиот борец.
„Во рингот борецот сам се бори за славата и победата на својата земја, без оглед колку е јака и моќна државата од која доаѓа другиот противник. Знамето го подига победата на борецот, не моќноста на неговата земја, а гордоста ја ужива, се гордее и ја слави неговата држава. Победата на Димитар е и наша победа како тим. Победа на сите наши поддржувачи и помагатели, и победа на нашата Македонија. Да бидеме сложни како во спортот, така и на секое друго поле, кога се работи за националните интереси и иднината на нашата една и единствена Република Македонија“.
Митровски од името на Кик бокс мај тај федерацијата на Македонија му се заблагодарува на господинот Кадир Алтуни, сопственик на компанијата Драгон која ја донираше опремата на нашата репрезентација.
Резултати на ЕП во кик бокс
-86 кг, лоу кик
Димитар Ѓоргиев – Унал Озлеме (Турција) ¼ финале 3-0
Димитар Ѓоргиев – Милош Цвјетичанин (Србија) ½ финале 3-0
Финале
Димитар Ѓоргиев – Рамзан Баксанов (Русија) 3-0
-81 кг, К1
Бобан Илиоски – Гај Гошиќ (Хрватска) ¼ финале 3-0 (КО, Р2)
Бобан Илиоски – Дмитри Баранау (Белорусија) ½ финале 0-3
-57 кг, кик лајт
Филип Ризов – Матија Форнаро (Италија) 1/8 финале 1-2
Ipon.mk