Изминатиов викенд 28-31 март во Форт Ворт, Тексас, се одржа најголемиот натпревар на американскиот континент во организација на Американската карате федерација. Станува збор за 2024 УСА опен и Интернационалниот јунироски куп. На ова најголемо натпреварување Македонија традиционално беше претставувана од нашиот светски карате судија Дејан Милошевски. На ова натпреварување настапија вкупно 1250 спортисти од 33 земји со 115 тренери и 90 карате судии.
Овој турнир традиционално е најголем во САД каде доаѓаат спортисти, тренери и судии од целиот свет. Покрај фактот дека во ист викенд имаше уште едно големо натпреварување, сепак, бројката на пријавени спортисти беше за 30 отсто поголема од лани, што потврдува дека ова е најважниот меѓународен натпревар во САД.
„Натпреварот беше одлично организиран на 10 татами, имавме доволно судии и судењето помина одлично. Голема благодарност до г-ѓа Фариба Мадани која беше главен судија и која е и секретар на Светската карате федерација (ВКФ), и нејзиниот судиски тим кој навистина го дадоа својот максимум. Ме радува фактот што мојот труд и професионализам се вреднуваат се повеќе и повеќе од страна на американската федерација. Па така на секој натпревар успевам да добивам се поголеми позиции и овој пат бев татами асистент за Интернационалниот јунироски куп. Иако судевме неверојатни 12 часа на ден, буквално се будевме и заспивавме со карате цели 3 дена, сепак да се биде единствен претставник на Македонија, за мене секогаш претставува чест и привилегија. Се надевам дека конечно Карате федерацијата на Македонија ќе пројави интерест и ќе го препознае мојот труд на оваа страна на светот“, вели Дејан Милошевски за Ипон.мк.
За потсетување Дејан Милошевски беше прогласен за македонски карате амбасадор од страна на македонскиот конзулат во Чикаго во 2023 година. Ова е прва ваква титула доделена во историјата на македоснското карате.