Датата и местото за реваншот Кличко- Фјури ќе се знаат за 48 часа

Fjuri Klicko vo klinc

Питер Фјури, чичко и тренер на светскиот шампион, Тајсон Фјури, најави дека за 48 часа ќе се знаат датумот и местото за одржување на реваншот меѓу неговиот внук и поранешниот хегемон во категоријата, Владимир Кличко.

„Наскоро ќе има вест за натпреварот меѓу Тајсон Фјури и Владимир Кличко. До два дена ќе се знаат арената, датумот и земјата, кои ќе бидат изберени за домаќин на реваншот“, напиша Питер Фјури на една од социјалните мрежи.

Во исто време, таткото на непобедениот до овој момент Британец – Џон Фјури, изјави дека мечот треба да се одржи во Обединетото Кралство.

„Реваншот треба да се одржи овде, од каде потекнуваме ние. Веќе отидовме во јамата на лавот, па сега е фер тој да дојде во Британија. Направивме сè што не замолија тие. Сега е време тие да го направат тоа, што ние го сакаме – а инсистираме двајцата да боксираат тука, ние сме Англичани“, изјави таткото на Тајсон во интервју за FightSaga.

„Заборавете ја Америка, заборавете ја Русија, заборавете ја Германија. Велика Британија е местото од каде што потекнува тешката категорија. Ова се случува овде и сега и ќе биде така уште долго време, бидејќи никој не може да го победи мојот син“, заклучи постариот Фјури.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО