Дастин Пориер го посочи најсилниот противник во неговата кариера

Поранешниот привремен шампион во лесна категорија на УФЦ, Дастин Пориер, откри кој е физички најмоќниот противник со кој се соочил во долгата кариера во мешаните боречки вештини.
Во поткаст на легендарниот боксерски тренер Теди Атлас Американецот без двоумење го издвои непоразениот Хабиб Нурмагомедов.
„Хабиб беше најсилната личност со која некогаш сум се соочил. И не сум ни сигурен дали тоа беше само неговата физичка сила или комбинацијата од сила и техника. Кога беше врз мене, се чувствуваше како да тежи илјада килограми“, рече Пориер.
Тие се сретнаа на УФЦ 242 во септември 2019 година во борба за титула во лесна категорија. Пориер имаше неколку добри моменти во борбата, но Нурмагомедов постепено ја потврдуваше супериорноста и победи со завршница (давење) во третата рунда, одбранувајќи го шампионскиот појас.
Пориер ја заврши натпреварувачката кариера минатото лето. Откако се пензионира отворено зборува за тешкотиите со кои се соочува надвор од спортот, откривајќи дека страда од депресија и се бори со зависноста од коцкање.



