Дана не ја пропушти можноста веднаш по настанот на УФЦ да го коментира Федор и неговата кариера во ноќта кога се пензионираше.
Легендарниот Федор синоќа се прости од ММА, барем од натпреварувачкиот дел. Во неколку наврати изјави дека никогаш нема целосно да го напушти спортот, но сега ќе се посвети на својот тим и тренирање борци кои се борат во врвни организации. За жал, тој беше поразен на последниот меч во кариерата, но на Бадер може само да му се честита на одличната победа и одбраната на титулата.
Федор многумина го сметаат за најдобар или еден од најдобрите, додека некои го предизвикуваат затоа што никогаш не се обидел во УФЦ. Еден од нив е секако и самиот Дана Вајт, а познато е дека двајцата од претходно не се во добри односи. По вечерашниот настан на УФЦ, Дана одби да покаже почит кон Федор на прес-конференцијата:
„Не сакам да се..м по ликот, знаете дека се пензионираше синоќа и сето тоа. Мислам, се сеќавате на моите претходни интервјуа за него. Ајде, беше нокаутиран од среднашот Ден Хендерсон. Дали разбирате што велам? Мислам дека има луѓе во оваа работа што го сакаат, некои дури и му се поклонија. Никогаш не беше тестиран кај нас. Никогаш не мислев дека Федор е еден од најдобрите“, изјави Дана.
Претходно оваа недела Федор се потсети на единствената средба со Дана, каде што очигледно не успеаја да се договорат за условите. Федор рече дека му понудил да го потпише додека сè уште бил под договор со Страјкфорс, така што тоа не била реална опција во тој момент. По Страјкфорс Федор се сврте кон други организации, а во последниве години беше член на Белатор.
Што и да мисли Вајт, Федор ќе остане запаметен од повеќето фанови како еден од пионерите на овој спорт, а како што рече Рајан Бадер во едно интервју по борбата, едно време го носеше целиот спорт на грб и за тоа му благодари.