Чифлиганец: Тони освои многу животни врвови, а се радуваше на секој, како да е прв

Творецот на златната шампионска генерација на БК Бучим, д-р Ванчо Чифлиганец, се прости од прерано починатиот Тони Танчев.

„Вчера, на спортски терен, тренирајќи млади борачки таленти во Конче, ненадејно почина Тони Танчев, познатиот борач од Радовиш. Златното момче од најуспешната плејада борачи од „Бучим-Јака“, кои Македонија ја искачија на европскиот и светскиот шампионски врв, денес во Радовиш го испратија семејството, пријателите и борачите, а од својот другар и соборец, се прости проф. д-р Ванчо Чифлиганец.

„Тажен момент, тажни пријателки и пријатели,
Денес засекогаш го испраќаме нашиот другар, пријател, борач, борец, учител, тренер, професионалец, човек со големо срце и душа, но пред сè, добар татко на Илија и сопруг на Снежана. И нема зборови, нема мелем со кој може да ја ублажиме тагата на неговото семејство. Од вчера, од кога ми ја соопштија веста за ненајдената смрт на нашиот другар, низ главата ми минуваат илјадници мисли и сеќавања, убави моменти, зборови, радости, еуфоријата која ја чувствувавме од заедничката љубов кон борењето. Сакам многу да кажам за нашиот Тони, голем човек, борец во животот, борач на струњачата со кого заедно освоивме многу спортски борачки врвови.

Целиот живот го посвети на спортот, на борењето, за афирмација на сопствената држава. Ти заедно со твоите другари, спортисти ги донесовте првите златни и сребрени медали по осамостојувањето на Македонија. Никогаш нема да ја заборавиме твојата љубав кон спортот, кога заедно со другарите, спортисти, сите заедно се радувавме кога станавме европски и светски шампиони, а ти беше драгоцен камен во мозаикот на таа европска и светска екипа.
Драг Тони, не само што беше вистински шампион во спортот, во борењето, беше и педагог и извонреден тренер, освојувајќи повеќе шампионски титули под твојата палка, водејќи го напред клубот Бучим.

Драг Тони, никогаш нема да заборавиме кога заедно со твоите соборци седевме во сауната да ги намалите килограмите, за да донесете драгоцени поени за Македонија и да станеме светски шампиони. Правевме сè, разговаравме за сè и сешто, за да заборавите на жедта. Тоа беше херојска пожртвуваност, само за да стане нашата мала, но храбра држава, дел од Европа и од светот.

Но, во тие моменти не помислувавме дека прерано ќе не напуштиш, сега кога си му најпотребен на сопственото семејство, синот Илија, сопругата Снежана. Од кога те паметам од 13 годишна возраст до сега, најдобар другар и пријател ти беше спортот и струњачата. До последниот момент, воспитувајќи ги младите како можат да бидат шампиони, без да кажеш не можам, не напушти нас и твоето семејство. Таква била судбината за сите нас, непосакувана. Тоа е животот, ќе те паметиме по добри дела, по твојата голема човечност, другарство, пријателство.
За нас најтажен момент,
Тони освои многу животни врвови, а се радуваше на секој, како да е прв. Му верував и го сакав, а и тој мене, заради мој телефонски повик се врати од Германија и се посвети на борењето, што стана негова животна определба, љубов и посветеност. Од балкански шампион, стана европски и светски шампион и цел живот остана на струњачата, до последниот момент, до последниот здив, несебично пренесувајќи го своето знаење и искуство на младите борачи, кои со ширум отворени очи и уши го слушаа и учеа од тебе како да се борат во салата, но учеа и како да станат борци во животот. Целиот наш, човечки живот е борба, но во овие моменти на длабока тага сфаќаме колку е животот краток. Ми зборуваше дека сè поголем е бројот и на момчиња и девојчиња кои сакаат да научат, да се борат, да освојуваат медали, да ја претставуваат нашата татковина, да го веат македонското знаме.
Им изразувам најдлабоко сочувство на неговите Снежана и Илија, но верувајте дека сте најгордите сопруга и син, со кои имаме многу да се сеќаваме и да кажуваме каков беше нашиот Тони Танчев. Секогаш насмеан, ведар, а толку силен борач, што мислевме дека и планина да се сруши врз него, нема да му биде ништо. Јас знам дека нашиот Тони не си замина, дека секогаш ќе биде со нас и ќе го слушаме неговиот глас кој ни вели борете се и гледајте само напред!
Твоето физичко заминување претставува наша најголема загуба, но ти ќе останеше секогаш во нашите срца. Голема загуба е за сите нас, но најголема за твоето семејство, за синот Илија и сопругата Снежана.
Денеска сме тажни, но гледајќи ја вечноста, исполнети сме со надеж, дека Тони сега е во Божји раце.
Почивај во мир драг наш Тони, и нека ти е светол патот кон вечноста“, напиша Чифлиганец за борачот кој беше дел од шампионската генерација на Бучим Јака.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON