Бобан Илиоски поради повреда не може да се бори во полуфиналето Светското кик бокс првенство

За жал на македонската спортска јавност Светското првенство во кик бокс заврши за Бобан Илиоски. Поради повреда нема да настапи во полуфиналето, односно бронзата да ја замени со посјаен медал. Но, стави крај и на богатата натпреварувачка кариера.
Оваа информација ја објави Илиоски на социјалните мрежи.
Илиоски раскажа дека уште во првата рунда од првиот меч повторно ја обновил старата повреда – скината препона, истата која го мачеше и пред шест месеци. И покрај силната болка и сериозниот хендикеп, успеал да триумфира над противник од Хрватска.
„Благодарен сум на Господ за сè, нека биде по Божјата волја“, напиша Илиоски, додавајќи дека токму тој меч го означил природниот крај на неговиот натпреварувачки пат.
Тој не го криеше емоционалниот товар на оваа одлука:
„Тешко е да се прифати, но нема бегање од реалноста. Одлуката ја носам во мир“, посочи македонскиот борец.
Иако се повлекува од рингот, Илиоски не се повлекува од спортот. Напротив, најави ново поглавје – целосна посветеност на тренерската работа и развојот на својот клуб, со јасна мисија да создаде нови шампиони и да го продолжи македонското кик-бокс наследство.
„Ова не е крај, ова е нов почеток“, порача тој.
Тој денес се бореше со Раул Сунара од Хрватска и славеше со 2-1, а полуфиналето требаше да ги одмери силите со Мухамед Гамал Афифи Халед од Египет.



