Бобан Илиоски: Не успеав да го победам противникот и да ја земам титулата, но успеав да се победам себеси и покрај здравствената состојба!

Синоќа Бобан Илиоски не успеа да ја освои европската титула на ВАКО-ПРО во К-1, губејќи со поделена одлука од 1-2 од Србинот Љубо Јалови на настанот Санши во Варна, Бугарија. Сепак, најголем противник на Бобан му беше температурата со која се бореше три дена.

„Обично не се обраќам до јавноста, без разлика дали изгубил или победил, ама после тоа што ми се случуваше овие три дена, чувствувам потреба да им се обратам на сите оние кои што ме следат и ме поддржуваат во ова што го правам“, истакнува во воведот на своето обраќање Илиоски и додава:

„Сите веќе знаете дека синоќа се одржа професионална борба за европска титула на ВАКО-ПРО во Бугарија. Токму за оваа борба, безусловно тренирав и повеќе од два месеца и се посветив на остварување на мојот сон. Бев повеќе од подготвен и бев уверен дека ќе успеам да се вратам со титулата. Само три дена пред моето заминување во Бугарија се разболев.Три дена имав покачена температура. Бев омалаксан и примав инфузии. Ден пред да тргнеме добив информација дека противникот (Бугарин) се откажува од борбата поради истата причина и дека доколку сакам ќе ми најдат нов противник. Изнемоштен од ситуацијата во која што се наоѓав одлучив, и покрај се, ќе одам и ќе се борам. Телото сакаше да се откаже но желбата и вложениот труд беа посилни. Дојде и денот на одржувањето на борбата. Се уште имав температура и се уште не се чувствував подобро, но, сепак, чекав нов противник. Ми најдоа нов противник од Србија, и покрај тоа што беше поискусен и постар борец, не се откажав и борбата се одржа. За жал, не успеав да го победам противникот и да ја земам титулата, но успеав да се победам себеси и покрај здравствената ситуација во која што се наоѓав. Влегов во рингот и се борев пет рунди. Успеав да се уверам дека сум борец и дека можам да издржам и кога се чувствувам најлошо. Борбата е загубена, но не и војната. Ова е само мојот почеток, доаѓа време каде што ќе имам можност да се покажам во најдобро светло и каде што сите ќе слушнат за Бобан Илиоски“.

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО