Александар Ацевски (1976) е претседател на Македонската џиу-џицу федерација и на Јадранската џиу-џицу лига. Национален „А“ судија за џиу-џицу и селектор на репрезентацијата. Тој е носител на мајсторски појас втори дан во реално аикидо (добиени иај основоположникот на оваа вештина Љубомир Врачаревиќ) и трети дан џиу-џицу (од Европската федерација за џиу-џицу).
Ацевски во 2001 година е официјален инструктор по боречки вештини во две специјални единици на АРМ.
Тој 15 години е тренер во Клубот за боречки вештини “Дан-кју” од Скопје. Професор по пракса за студентите на безбедност при МИТ Универзитетот во Скопје.
Зошто не немаше на Светското првенство во Франција, кое заврши неодамна?
-Причините се единствено од финансиска природа, иако имавме двајца или тројца борци со кои што можевме да настапиме на турнирот, без разлика на постигнатиот резултат. Сепак, тоа се многу средства за една млада Федерација, како што е нашата. Се надеваме дека во иднина и ние ќе учествуваме на едно вакво големо збиднување. На Светското првенство настапуваа преку 500 борци од 49 држави.
Дали сме нови во овој спорт?
-Македонската џиу-џицу федерација е основана во 2009 година, како национален спорт во Македонија. И покрај тоа, што оваа Федерација е нова на македонската сцена, сепак, веќе сме во чекор со другите боречки спортови по постигнатите резултати, кои се постари од нас.
Што е потребно да го стигнеме нивото на нациите што нешто значат во џиу-џицуто?
-Најпрво, мора да се знае дека развиените федерации за џиу-џицу во светот многу се помогнати од страна на самата држава. Повеќето од федерациите се во „сопственотс“ на нивните министерства за внатрешни работи, а репрезентативци се вработени во министерствата. Во некои држави (Франција, Германија, Белгија…) постои Академија за џиу-џицу, а борците, секој ден имаат 8 часа настава. Таа се состои од теоретски дел, разговори со педагози и психолози, фитнес, базен и теретана и, се разбира, тренинг со најдобрите тренери. Сите борци се на платен список во полицијата. Единствена работа им е да носат медали за својата држава. Во склоп на академијата има повеке помошни сали за тренинг и две сали што се идентични со салите каде што се одрзуваат турнирите.
Учествувате во “Јадранската џиу-џицу лигата“. Како го оценувате учеството во Лигата? Колку клубови учествуваат во неа?
-Не само што учествуваме, туку сме и основоположници на истата. Имено, во 2011 година по иницијатива на повеќе спортски работници беше основана оваа лига и во неа учествуваат сите бившши републики од СФРЈ, освен Хрватска. Има најава дека во 2015 година и Хрватска ќе се приклучи на Лигата. Во 2013 година едногласно сум избран за претседате, а за директор на Лигата беше избран Карл Келц од Словенија.
Нашето учество во оваа лига е од особено значење, пред се, поради афирмација на Македонското џиу-џицу. Потоа, поради репрезентативниот настап на нашите борци.
Борбите се одвиваат во сениорска конкуренција за мажи, и тоа во категориите: -62, -69, -77, -85, -94 и над 94 килограми. Во моментов има шест клуба, а од Македонија се натпреваруваше „Осенсеи – Балекс“ од Штип.
Колку е популарен овој спорт во Македонија и колку клубови има?
-Џиу-џицуто е популарно поради фактот што се работи за една боречка вештина, пред се наменета за самоодбрана. Тука е вклучена и самоодбраната од нож, палка и пиштол. Има самоодбрана за жени и деца и заштита на трето лице. Поради ова клубовите се посетени од деца до 12 годишна возраст, како и од девојки кои тренираат за подобрување на својата физичка подготвеност и заштита.
Кај децата се развива навиката за работа во групи, се подобрува психофизичкиот развој, кондицијата и рамнотежата. Се учи да се почитува постар човек, родител, тренер, наставник.
Повозрасните членови во клубовите и кои покажуваат афинитети за борба поминуваат во малку поинаков тренажен процес. Се наметнува и поинаков пристап кон техниката, односно учат разни карате удари, џјудо фрлања и борба во партер, се она што е потребно за турнир.
Во моментов има пет активни клуба, а до крајот на годината се планира отвари нов клуб во Тетово. До крајот на 2015 година ќе се отворат уште три клуба во Битола, Прилеп и Велес, а 2016 година да ја завршиме со 12 клубови! Моменталната бројка на членови во нашите клубови се движи од 150-180 члена, но тој број и е во постојан пораст.
Која е разликата меѓу џиу-џицуто и бразилското џиу-џицу?
-Во нашите клубови се работи џиу-џицу како техника за самоодбрана и како спортско џиу-џицу за турнири. Бразилското џиу-џицу го работиме како составен дел од нашите техники, односно посветуваме внимание и на техниките во партер, од едноставна причина што тоа е третиот дел од спортското џиу-џицу. Инаку, џиу-џицуто е комплексна вештина, најстара вештина што ја памети планетава. Од џиу-џицуто се настанати џудото, аикидото, кендото и повеќе други боречки вештини.
Кога станува збор за самоодбраната, џиу-џицуто нуди една ефикасна, брза и конкретна одбрана од нож, палка или пиштол, при тоа недавајќи му на противникот повторно да нападне. Основните начела се да се искористи силата на противникот, како би можеле, на изглед послабите, успешно да се справат со некој насилник. Ударите во спортското џиу-џицу се контролирани, додека во делот на техниките за самоодбрана се удари во слаби и витални точки на телото, каде што не е потребна голема сила. Поради овие факти џиу-џицуто е присутно во многу специјални еднинци ширум светот, поради разните полуги, гушења и приведувања.
Кои се основоположници на џиу-џицуто во Македонија?
-По 15 годишно искуство во полето на самоодбраната и посетени повеке од 50 семинари во странство, на еден голем седумдневен семинар во Словенија, каде што беше собрано раководството на Европската џиу-џицу, во разговор со нив се роди идејата и во Македонија се формира федерација. Потоа следуваше уште едногодишна работа за обука и едукација до конечното формирање на федерацијата,во присуство на генералниот секретар на Европската џиу-џицу федерација и претседателот на судиската комисија при ЈЈЕУ, а ја верификуваше Агенцијата за млади и спорт при Владата на Македонија.
Како основоположници на Федерацијата се јавуваат и Драган Трајановски, во моментов потпретседател, Виктор Велинов спортски директор, како и повеќемина други кои несебично се вложија за да се реализира и успее идејата.
ipon.mk/В.Донев