Промоторот на Ентони Џошуа, Еди Херн му возврати на Боб Арум, откако американскиот менаџер на Фјури рече дека никогаш не сакал да се случи меч меѓу Тајсон и Ентони.
Последните недели се зборуваше за потенцијален меч во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Ентони Џошуа, кој треба да се одржи на 3 декември во Кардиф.
Сè помлаку е изгледно дека мечот ќе се случи, а неодамна 90-годишниот Боб Арум изјави дека Херн е главната причина што преговорите заглавиле.
„Еди Херн одложува сè затоа што не сака борбата да се случи“, рече Боб Арум и додаде:
„А зошто не сака борбата да се случи? Бидејќи Џошуа загуби три од последните пет борби и смета дека повторно ќе загуби ако се бори со Тајсон Фјури, така што пречката е всушност Еди“.
Деновиве Херн истакна оти тешко дека борбата ќе се случи, но се уште се отворени за разговори.
Многумина сметаат дека преговорите се заглавени на телевизиските права околу преносот на боксерскиот спектакл.
Сопственикот на Мечрум жестоко му одговори на својот колега од Топ ранг.
„Боб Арум немаше никакви телефонски повици во врска со таа борба“, рече Еди Херн и продолжи:
„Никој од Мечрум не разговараше со Боб Арум… Тој едноставно не беше вклучен. Френк Ворен, кој исто така имаше свои коментари за оваа ситуација, немаше никакви телефонски разговори со тимот на Еј Џеј. Сето тоа беше меѓу мене и Џорџ Ворен (син на Френк Ворен), а Френк повремено разговараше со адвокатите“.
Но, Херн не застана тука, тој додаде:
„Кога одеднаш ќе се појават луѓе кои не биле ни вклучени во процесот со своето мислење, како Боб кој вели: „Сè е направено“. Не, не е. Каква беше ситуацијата со преносот на натпреварот во САД? Колку отворени прашања имавме за телевизиските права, а тој вели „се е готово““.
Промоторот на Џошуа уште еднаш истакна дека постојаното инсистирање на Фјури и поставувањето на некакви рокови довело до проблеми во договарањето на борбата.
Повтори дека нема само да се сврти и да ја прифати борбата против Фјури.
„Џошуа сака да се бори со Тајсон Фјури. Но, не можеме и понатму да ги имаме лажните рокови. Работата треба да се работи како што треба, без никакви рокови“, нагласи Еди Херн.