Андреевски: Приемот во Светски бокс е голем чекор напред – нова врата што се отвора за нашите млади спортисти

Македонската боксерска федерација денес официјално е примена во Светски бокс, новата кровна организација кој доби виза од ИОК да ги организира боксерските квалификации за Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.
Покрај Македонија, од Балканот во полноправно членство е примена и Словенија. Светскиот бокс сега брои 125 членки.

„Со голема чест и гордост ја споделуваме веста дека Националната боксерска федерација е официјално примена во редовите на меѓународната организација Ворлд боксинг. Ова признание не е само успех на федерацијата, туку и потврда за вредноста, истрајноста и талентот на сите наши боксери, тренери и спортски работници кои со години вложуваат љубов и посветеност во боксот“, вели претседателот на Боксерската федерација на Македонија, односно како што официјално е запишана Нацонална бокс федерација, и додава:.
„Нашата мисија отсекогаш била јасна – да му овозможиме на македонскиот бокс вистинско место на светската спортска мапа. Приемот во Светски бокс е голем чекор напред, нова врата што се отвора за нашите млади спортисти, за натпревари, за развој, но и за градење на пријателства и мостови меѓу народите преку спортот“.
Андреевски вели дека ова е само почеток на едно ново поглавје.
„Верувам дека со заедничка работа, верба и љубов кон боксот ќе создадеме генерации шампиони кои ќе ја носат Македонија во срцето и ќе ја претставуваат со достоинство на најголемите сцени.
На сите што беа дел од овој пат, на Министерството за спорт и на Олимпискиот комитет, Ви благодарам. На нашите боксери – продолжете да сонувате и да се борите. Националната боксерска федерација е ваш дом, а од денеска и дел од големото светско семејство на Светски бокс. Македонија заслужува да биде таму“, нагласува Андреевски.



