Македонската таеквондо федерација денеска склучи договор за соработка со Алкалоид, кој ќе им помага во следните две години на македонските таеквондисти кои се борат да остварат олимписка норма, меѓу кои е и освојувачот на сребрен медал од Токио, Дејан Георгиевски.
Директорот на Алкалоид, Живко Мукаетов кажа дека е среќен што ќе соработуваат со Mакедонската таеквондо федерација во следниот период.
„Чест и гордост ни е што сме тука заедно со македонската таеквондо федерација. За нас како компанија која е општествено одговорна и на која спортот ѝ е приоритет, е многу важно што се вклучуваме во спортот. Оваа година и следната, колку што е договорот, сакаме да бидеме дел од системот во таа подготовка. Среќен сум кога ќе видам посветени луѓе кои ја претстасвуваат Македонија како амбасадори на високо ниво. Навистина е голема радост тоа што го направи Дејан на Олимпијадата. Јас сум оптимист дека ќе освоиме нови медали“, вели Мукаетов.
Претседателот на таеквондо федерацијата, Борче Костовски кажа дека е среќен што Алкалоид ќе им помага во иднина.
„Благодарност до Мукаетов, кој е човек што со широко срце му помага на македонскиот спорт. Тој ја препозна нашата приказна и потенцијалот. Заедно ќе бидеме успешни во иднина. Оваа година ја почнавме силно, Дејан освои медал на Президент Купот, а во следниот период нè очекуваат силни турнири. Се бориме за норми во Париз, се надевам дека ќе го оствариме тоа“, кажа Костовски.
Македонскиот таеквондист, Дејан Георгиевски кажа дека средбата е потврда дека македонското таеквондо е сериозна приказна и ќе се бори за олимписки медали.
„Му благодарам на Алкалоид за поддршката. Годинава освоивме медал на Президент Купот во Турција и се надевам дека така ќе продолжиме. Имаме многу турнири на календарот“, посочи Георгиевски.
Фото: ФБ