Светскиот боксерски шампион Александар Усик минатата година имаше само еден меч. На реваншот против Ентони Џошуа го одбрани шампионските појаси на ИБФ, ВБО и ВБА, кои ги освои една година претходно.
Украинецот сака во 2023 година да боксира против шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури, во најголемиот меч во кариерата за обединување на титулите во тешка категорија.
Преговорите се во тек, но откако пропадна организацијата во Саудиска Арабија, желбата на тимот на Фјури е да го донесат настанот во Велика Британија, а со тоа да добијат поголем процент од хонорарите.
Тимот на Усик инсистира на поделба на профитот 50-50.
И додека се чекаат резултатите од преговорите, двајцата тешкашите продолжуваат со подготовките и ги исполнуваат медиумските обврски.
Во едно неодамнешно интервју Усик зборуваше за најинтересните боксерски натпревари и ја откри својата омилена борба што ја гледал.
„Првиот меч против Џошуа го гледав седум-осум пати, а вториот најмалку пет пати“, истакна Александар Усик и ја издвои борбата меѓу Ивандер Холифилд и Двајт Мухамед Кави од 1986 година:
„Ја гледав таа борба повеќе од десет пати. Тоа беше прва борба за Холифилд за титулата и траеше 15 рунди. Навистина фантастично! Тоа е мојот омилен меч“!
Ивандер Холифилд го доби тој меч со поделена одлука на судиите, а како беше погледнете ТУКА.