На Државното првенство во кик бокс за сениори КБК Будо од Кавадрци беше прогласен за најуспешна екипа со тројца прваци во сениорска и еден во јуниорска конкуренција, но во исто време и на првото Државно првенство во ММА имаше најмногу успех, освои три шампионски титули.
По повод овој успех разговаравме со првиот човек на КБК и ММА Будо од Квадраци Александар Ристовски.
Ова беше експлозија на борците од Вашиот клуб. Дали го очекувате овој успех?
-Да, имавме напорна работа заедно со помошик-тренеротТодор Анастасиев, кој е исто така поранешен репрезентативец во кик бокс. Еден од тренинзите го работи тој, еден јас . Пред натпреварите ги усогласуваме тренинзите и ги спојуваме постарите борци со помладите се со цел да добијат една слика за тоа што е натпревар.
Во ММА имам лично искуство од неколку борби. Борците за ММА лично ги подготвував. Тие се со поголемо искуство, бидејки имаат учествувано на неколку профи и аматерски натпревари во државата и надвор од неа.
Што е следното што може да го очекуваме од натпреварувачите од Кавадарци?
-Се надеваме на учество на следното Европско првенство во кик бокс кое ќе се одржи во Македонија. Се надеваме на учество на неколку наши борци, бидејќи истите се подолг период државни прваци во нивните категории.
Може ли да очекуваме европски и светски медал?
-Нормално, очекуваме добар резултат и освојување на некој од медалите
На што ќе се концетрирате во претстојниот период?
-Треба работа, труд, но и време. Но најмногу од се љубов кон спортот. Ние со љубов работиме и сме несебични во пренесувањето на нашите искуства на борците од нашиот клуб, кои со нивниот труд и залагање донесуваат солидни резултати.
Што е потребно за квалитетен борец?
-Потребни се организирања на повеќе кампови и семинари со тренери од нашата држава и од странство. Има квалитет во Македонија. Пред се, потребна е поголема финансиска помош од државата. Младите и тренерите се засегнати со овој проблем. Големите кирии што ги плаќаме за салите, скапата опрема, учеството на натпреварите, патувања и слично, се дел од проблемите што ги имаме.
Со промените во Кик бокс федерацијата на Македонија, забележливо е единството на клубовите и враќање на натпреварите. На што се должи тоа?
-Со промените во Федерацијата кик боксот се врати на старите патеки. Може да се каже дека сме искачени за две-три скали погоре. Имаме голема поддршка од претседателот на КБФМ и раководниот кадар. Тоа е мотив плус за нас, како клуб од внатрешноста на државата, да ја изградуваме нашата кариера како тренери и градење на добри борци во нашиот град.
Кавадарци е расадник за таленти, кога станува збор за спортот. Горд сум што сум тренер во овој град и каде под мое раководство тренираат околу 30-40 млади. Исто така, водиме клуб и во Демир Капија, град со многу желба за спорт и големи и амбициозни таленти. Заедно со тренерот на Центарот за боречки вештини од Велес, Раде Стефановски, кој беше најголемиот поддржувач за отварање на овие клубови во Кавадарци и Д. Капија и правење на добра база на таленти од три града под исто име БУДО
Ipon.mk/В.Д.