Александа Усик: И на Фјури му треба тој меч, исто како и на мене, и не се плашам

Мечот за апсолутен шампион во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Aлександaр Усик се уште не е договорен, пред се поради тоа што не се знае кој би можел да биде домаќин на спектаклот.

Првично се мислеше дека настанот може да се одржи во Саудиска Арабија, но таму се заглави.

Се чини дека Тајсон Фјури ја одбил понудата од организаторите во Саудиска Арабија, бидејќи очекувал слични пари, ако не и повеќе од она што му го дадоа на Ентони Џошуа минатиот август кога се бореше со Aлександaр Усик во Џеда.

Не е важно што Џошуа моментално е без појас, откако загуби три од последните пет борби, сепак, таму е поголема ѕвезда од Џипси Кинг.

Многумина сметаат дека Фјури не направил добар потег со тоа што ја одбил понудата на Саудијците, бидејќи парите што ќе ги добие на Островот не се ни блиску до сумата што можел да ја добие борејќи се на Блискиот Исток.

Помалку ќе заработува борејќи се во Велика Британија, а Усик не е пресреќен да го одложи договорот.

„Ми треба таа борба и тоа е тоа“, изјави Александар Усик за Скај спорт, додавајќи:

„И мислам дека и на Фјури му треба. Оваа борба е многу важна за двајцата. Во тешка категорија одамна нема апсолутен шампион, па тој меч ни треба и на двајцата“.

Украинецот е свесен дека Фјури е поинаков боксер од Џошуа кого двапати го победи.

„Да, секако, има поинаков стил. Фјури е подрзок“, рече Александар Усик и продолжи:

„Но, не се плашам од Тајсон Фјури. Ќе биде како и секоја друга борба. Голем човек кој никогаш не изгубил од човек кој го држи појасот на ВБЦ. Ако противникот е поголем од мене, не значи дека е посилен. Ако има подолги раце, не значи дека има предност“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО