Адил Мехмед е шампион на Универзитетското првенство на В.Британија и бара место во репрезентацијата (ФОТО)

Адил Мехмед (-67 кг) го освои првото место на Државното универзитетско првенство на Велика Британија, во сениорска конкуренција организирано од страна на BUCS (British Universities and Colleges Sports) во Шефилд, Англија, претставувајќи го универзитетот на кој е запишан на додипломски студии – The University of Manchester.  

„Имав пет борби и забележав исто толку победи. Во првото коло го победив натпреварувачот од University of St Andrews со 10-0, во второто коло го победив натпреварувачот од Nottingham Trent University со 5-0, во третото коло го победив гратскиот ривал од Manchester Metropolitan University со 3-0, во полуфиналето го победив претставникот од Birmingham University со 3-0, а во финалната борба го победив натпреварувачот од University of Strathclyde со 4-2. Слични и карактеристични резултати во борбите до финале – без загубен поен остварив и на изминатото Балканско првенство за сениори во Истанбул, Турција. Со овој успех се стекнав со норма за учество на Европското универзитетско првенство кое ќе се одржи од 23-27 јули 2017 г. во Португалија“, вели каратистот на Металург и репрезентативец, Адил Мехмед.

Кочачанецот Адил Мехмед истакнува дека се натпреварувал во сениорска категорија до 67 кг, истата категорија во која настапуваше на државните првенства, изборни турнири и бергер-натпреварувања во У-21 и сениори додека учеше во Македонија, и кога ја претставуваше македонската репрезентација или КК Металург на меѓународните турнири и првенства.

„Во мојата категорија имаше 49 натпреварувачи од различни факултети од териотирјата на В. Британија (Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска). Се надевам дека во иднина ќе добијам разбирање и оправдување од страна на раководните тела во КФМ, поради мојата вонредна состојба да студирам во странство, а и можност, која верувам дека ја заслужувам, за заедничка соработка со Федрацијата. Мојата цел е да продолжам да ги бранам боите на Република Македонија на првенствата кои следуваат, бидејќи сметам дека во последниот период влегувам во одлична форма и ќе бидам достоен претставник на македонската карате репрезентацијата“, истакнува Мехмед.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО