„Во финалето работев одлично и цврсто, настапив со катата ганкаку и не ми е јасно зошто исходот беше таков“, вели за исходот во финалната пресметка со Ѓунгел Селахетин од Турција освојувачот на сребрениот медал во кати на Европскиот шампионат во Лимасол, Абдурахим Идризи.
„Инаку, да се биде вицешампион на Европа е убаво чуство. Исполнет сум со емоции. Што се однесува до освоениот медал и го посветувам на мојата мајка за роденденот“, изјави емотивно Идризи за Ipon.mk.
Идризи во преодниот рок ја смени средината и од КК Форца премина во КК Макпетрол, затоа се очекува неговите обврски да бидат поголеми.
„Иднината ја гледам во голем клуб, како што е Макперол, меѓутоа, им се заблагодарувам на сите што помогнаа во развојот на мојата кариера. Оособено сега, кога останав без клуб, му благодарам на тренерот на Фунакоши Гичин, Столе Андријевски, кој максимално ме подготви за Европското првенство“, истакнува Идризи.
Тој посебно ја истакнува помошта што ја има на Европското првенство од новиот тренер Бошко Заборски.
„Тој цело време беше покрај мене и ми даваше голема поддршка. Инаку, голема благодарност и до претседателот на КФМ, Драган Стојановски, за финансиската поддршка“, посочува Абдурахим и додава:
„Планирам да се вратам и во борби. Ветувам дека и во борби ќе донесам европски медал, истовремено, со поддршка на Макперол ќе работам кати со специјален тренер. Значи, катите не ги оставам, а истовремено максимално ќе се потрудам што поуспешно да се вратам во кумите“.
Ipon.mk/В.Д.