Русинот Бивол го претепа Алварез (ВИДЕО)

Рускиот боксер, Дмитри Бивол славеше во мечот за титулата во полутешка категорија на ВБА и тоа сензационално над фаворизираниот Канело Алварез во „Т-Мобиле“ арената во Лас Вегас пред 20 илјади навивачи.

Русинот беше далеку подобар во текот на целата борба за на крајот сосема заслужено, на поени со 115-113 да дојде до триумфот. За Алварез кој што беше огромен фаворит, ова е втор пораз во кариерата, прв по пауза од девет години откако загуби од Флојд Мејведер.

Бивол, пак, сè уште нема пораз во својата кариера и има скор од 20:0, од кои 11 победи има со нокаут.

За Бивол победата е уште послатка бидејќи пред мечот поранешните шампиони во тешка категорија, украинските браќа Витали и Владимир Кличко побараа да не му се дозволи влез во САД поради тоа што тој е Русин.

„Денес се докажав самиот себе, јас сум најдобриот во мојата кариера. Еди Херн, извини што ти го уништив планот со Генади Головкин“, изјави Русинот по мечот, посочувајќи на најавената трилогија помеѓу Канело и Головкин веќе на 17 септември.

Наместо тоа, Канело потврди дека веднаш ќе бара римеч.

„Тоа е боксот, некогаш губиш а некогаш победуваш. Сега јас заслужено загубив и тука нема никакво ‘плачење’. Честитки за Бивол за победата и се надевам дека пак ќе се сретнеме“, изјави Алварез по средбата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО