БоксПрофесионален

Енди Руиз се враќа на рингот со голема цел: Сака повторно да стане светски шампион

Поранешниот светски шампион во тешка категорија во ВБА, ИБФ и ВБО, Енди Руиз Јуниор (35-2-1, 22 КО/ТКО) ќе се врати на рингот против полскиот боксер Дамијан Книба (17-1, 11 КО/ТКО). Борбата ќе биде дел од голема боксерска гала на 4 септември во Њуарк, Њу Џерси, објави „Мечрум бокс“.

Руиз останува едно од најпрепознатливите имиња во тешка категорија, главно поради една од најголемите сензации во историјата на модерниот бокс. На 1 јуни 2019 година во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк, Мексиканецот направи огромно изненадување победувајќи го претходно непоразениот Ентони Џошуа со ТКО во седмата рунда.

Руиз влезе во борбата како сериозен аутсајдер и доцна замена за својот противник, додека Џошуа ги бранеше светските титули и се сметаше за еден од најголемите тешкаши. Британецот го нокаутираше Руиз во третата рунда, но само неколку секунди подоцна Мексиканецот одговори и го собори на подот. Следеа уште тешки моменти за Џошуа пред судијата да ја прекине борбата во седмата рунда. Така, Руиз сензационално ги освои појасите на ВБА, ИБФ и ВБО и стана првиот светски шампион во тешка категорија од мексиканско потекло.

Шест месеци подоцна, Џошуа ги врати титулите откако со едногласна одлука го доби реваншот во Саудиска Арабија. Сепак, нивната прва средба засекогаш ќе остане во историјата како еден од најшокантните пресврти во историјата на тешката категорија.

Сега Руиз повторно гледа кон врвот. Победата против Книба треба да биде следниот чекор кон неговата амбициозна цел – втор период како светски шампион.

„По оваа победа, би сакал да се борам со сите момци кои ги држат шампионските појаси што ги ослободи Александар Усик. Ќе бидам двократен светски шампион следната година. Ајде да го направиме тоа“, рече Руиз, цитиран од прес-службата на „Мечрум боксг“.

На 4 септември Мексиканецот прво ќе мора да ја надмине пречката Книба пред повторно да се насочи кон најголемите имиња и светските титули во тешката категорија.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON