Конор Мек Грегор: Нема да се откажам, ќе се вратам

Поранешниот шампион на УФЦ во две категории, Конор Мек Грегор, кој утре полни 38 години, изјави дека нема намера да ја заврши кариерата, и покрај неуспешниот камбек против Макс Холовеј на УФЦ 329 во Лас Вегас.
Ирецот се обиде да се врати во октагонот по петгодишно отсуство, но доживеа сериозна повреда на коленото во првите секунди од борбата. Борбата беше прекината по нешто повеќе од една минута, а победата на Холовеј му беше доделена со технички нокаут.
Кратко по поразот, Мек Грегор објави емотивна порака на социјалните мрежи, отфрлајќи ги тврдењата дека не бил доволно фокусиран пред борбата.
„Бев толку фокусиран и подготвен за оваа борба што не можам да верувам што се случи. Секој разговор за тоа дека влегов во борбата нефокусиран е бесмислен. Бев смирен, подготвен и самоуверен“.
Во друга објава, поранешниот шампион ја спореди моменталната состојба со „пекол“, но нагласи дека нема да се откаже и дека ќе најде сила да се врати.
„Во шок сум од она што се случи. Ѓаволот буквално ме гледа во очи. Но, јас не реагирам. Утре одам во црква. Можам да се справам со тоа. Не се откажувам. Ќе се вратам“.
Тогаш Мек Грегор го објави и своето „кредо“, уште еднаш демонстрирајќи ја решеноста да надмине уште еден тежок тест во кариерата.
Се очекува Ирецот да помине детални медицински тестови во наредните денови, кои ќе покажат колку е сериозна повредата на коленото и колку време ќе трае неговото закрепнување.



