
Штипјанката Андреа Нисева, која настапува за бугарската репрезентацијата во борење вчера прими почесна плакета од министерот за млади и спорт на соседната земја.
Нисева плакетата ја доби за освоениот сребрен медал во категоријата до 61 кг на Европското првенство за У-17 во Самоков, Бугарија.

„Андреа Нисева е посветена, талентирана и исклучително успешна борачка на КК Олимпија – Штип, која постојано ги поместува границите на успехот со својата упорност, дисциплина и борбен дух.
Нејзините резултати зборуваат сами за себе. Андреа континуирано постигнува врвни резултати на европско ниво, освојувајќи три европски медали, а оваа година ја освои титулата европски вицешампион. Во досегашната кариера, таа е и четирикратна балканска шампионка, достигнување со кое ретко кој спортист може да се пофали.
Секој спортист има право и обврска да ја искористи својата шанса во спортот. Времето минува, а талентот и квалитетот мора да се покажат таму каде што е најважно – на душекот. Затоа Андреа беше принудена да ја продолжи својата спортска кариера надвор од Македонија и да се натпреварува за соседна земја. Тоа не беше нејзин избор, туку последица на околината со која се соочи по патот.
Без разлика под кое знаме се бори, Андреа останува штипско дете и производ на КК Олимпија – Штип. Нејзините успеси докажуваат дека талентот, напорната работа и посветеноста секогаш наоѓаат начин да испливаат на површина.
Горди сме на тебе Андреа! Продолжи да победуваш, да освојуваш медали и да бидеш пример за идните генерации спортисти“, напиша челнот на претседателството на БК Олимпија Марјан Атанасов.



