Сребро за Меланија Крстевска, бронза за Михаил Миленковиќ на „Сакура кендо купот“ во Будимпешта

Викендов македонските кендо репрезентативци во младински категории учествуваа на најголемиот Европски кендо куп „Сакура куп“ во Будимпешта, каде што настапија повеќе од 200 натпреварувачи од 18 земји.
„Конкуренцијата беше исклучително силна и квалитетна, што им овозможи на нашите борци да стекнат драгоцено искуство и дополнително да го унапредат своето знаење. Сите настапија одлично, а веруваме дека овој турнир ќе има позитивно влијание врз нивната форма пред претстојното Балканско првенство, кое ќе се одржи следниот викенд во Белград“, вели Андреј Атанасовски..

Најуспешни од нашиот тим беа Меланија Крстевска и Михаил Миленковиќ, кои го освоија 2. и 3. место во категоријата пионери.

Останатите борци успешно ги поминаа групните фази, но беа елиминирани во понатамошниот тек на натпреварувањето.



