Оливер Станков: Успехот на Аперкат се должи на долготрајната работа и дисциплината во клубот! Репрезентативци ќе учествуваат на квалификациите за Олимпијадата 2028

Боксерите на Аперкат го освоија првото место во Првата боксерска лига на Македонија со 46 бода, односно со 12 бода разлика над второпласираната екипа на Шкендија но лимит. Ова е прва клупска титула на БК Аперкат. По тој повод раговараме со првиот човек на клубот и потпресетдател на Националната бокс федерација, Оливер Станков.

Во Првата и Младинската бок лига на Македонија БК Аперкат ја освои титулата во Првата лига. Ова е прва екипна титула на клубот. На што се должи успехот?
– Успехот се должи на долготрајната работа и дисциплината во клубот, како и посветеноста на боксерите и тренерскиот тим. Врз основа на ова дојде до овој резултат.
Кои се боксерите што се изборија за титулата?
– Боксерите се Стефан Петрушевски, Кирил Рајков, Тихомир Петрушевски, Филип Илиќ, браќата Кисковски и Андреј Стојчев.

Има ли меѓу нив наследник на Гоце Јанески?
– Бидејќи тимот е млад, секој од нив тежнее да го постигне резултатот на Гоце.
Кои други успеси ги имавте во 2025 година?
– Победите во Бокс лигата на Македонија, учеството на поединечното Државно првенство, како и меѓународни турнири и учество на подготовки.
Какви се плановите за 2026 година?
– Оваа година не очекуваат повеќе меѓународни турнири, учество на Балканско првенство и други настапи.

Вие бевте на едно тренерско усовршување во странство. Ќе ни објасните ли каде бевте и на што посветивте внимание? Ќе се усовршува ли и преостанатиот тренерски кадар на БК Аперкат?
– Тренерскиот тим на БК Аперкат константно вложува во знаењето и посета на семинари и боксерски кампови надвор од државата. Посета на еден таков боксерски камп беше во Шпанија.
Како член на Управниот одбор на НБФ, што треба да се прави за успех на меѓународната сцена?
– Како потпретседател на Боксерската федерација на Македонија, заедно со претседателот на федерацијата и сите членови на Управниот одбор се залагаме боксерите од репрезентацијата почесто да одат на подготовки надвор од државата. Изминатата година сите возрасни категории учествуваа на подготовки и европски првенства, притоа се освоени медали. Така и оваа година ќе се залагаме за повеќе подготовки и учество на турнири за боксерите да стекнат поголемо искуство.

Ќе има ли промени во Првата и Младинската лига?
– Мојот став е во боксерските лиги да има промени околу бодувањето. Но, ќе се побара од Судиската организација да биде поригорозна и поправедна во бодувањето, иако досега беше на добро ниво. Драго ми е што во Судиската организација веќе се вклучуваат и помлади членови.
Ќе настапат ли наши боксери на првенствата на Светски бокс, односно да изборат можност за квалификации на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година?
– Оваа година ќе се учествува на предвидените турнири за квалификации.
Дали е потребно ангажирање и на странски стручњаци, како што направија некои федерации од регионот или, пак, продлабочување на соработката со боксерски федерации?
– Добро е да имаме странски тренери, но и нашите тренери го познаваат боксот, само треба да се подобрат условите за работа.
Годинава што измина повторно понуди квалитетен бокс на Златниот гонг. Какви се плановите за 2026 година?
– Оваа година, на следниот Управен одбор повторно ќе се состави комисија која ќе го води Златниот гонг. Еден од моите предлози ќе биде Златниот гонг повторно да биде вратен во спортската сала Кале, за да се врати амбиентот.

Што ќе им порачате на младите што сакаат да тренираат бокс?
– Им порачуваме на младите љубители на боксот да бидат посветени, дисциплинирани, односно како тренира така да боксира.



