Историски успех за македонското традиционално таеквондо: Владимир Димитриевиќ освои бронза на Светски куп во Солун
Прв медал во историјата на Македонската традиционална таеквондо федерација од Светски куп, освоен на престижниот „Кинг оф таеквондо“ со учество на над 1400 натпреварувачи од 21 држава.

На Светскиот куп „Кинг оф такевондо“ во Солун најголемиот успех го постигна сениорот Владимир Димитриевиќ во спаринг -78 килограми. И покрај повредата здобиена поради густиот натпреварувачки распоред во изминатиот период, тој успеа да освои бронзен медал – прв медал за МТТФ од Светски куп.
„Во елиминационата фаза го совлада домашниот натпреварувач Георгиос Акалдис, а во четвртфиналето забележа победа над претставникот од Естонија. Во полуфиналниот меч беше поразен од натпреварувачот од Украина, со што не успеа да се пласира во финалето и борбата за златен медал“, вели претседателот на МТТФ, Марјанчо Лазаревски и додава:

„Со овој резултат, Владимир Димитриевиќ ја заокружува 2025 година онака како што и ја започна – со историски успех во сениорска конкуренција. Овој медал претставува значаен чекор напред за МТТФ и македонското таеквондо и е јасен показател дека ИТФ таеквондо спортот се стреми кон врвот и позицијата спорт број 1 во Македонија“.

Миа Танеска настапи во категорија јуниори – црвен појас, форми (борба со замислен противник), во конкуренцијата на 38 натпреварувачки. Стигна до четвртфиналето, каде што беше поразена во борбата за медал и влез во полуфинале, освојувајќи го високото 9-то место. Додека во спаринг категорија јуниори до +55 кг, и покрај прикажаната борбеност и квалитет, не успеа да ја совлада противничката и беше елиминирана во раната фаза.
На овој Светски куп настап треба да има и Даниел Стојаноски, кој за првпат ќе ја претставува МТТФ во кадети до -40 кг.
МТТФ настапува со тројца натпреварувачи под водство на националниот тренер Саша Поповски, потпретседателот на МТТФ Зоран Парулески и Христијана Парулеска како судија од МТТФ.

На натпреварот учествуваат над 1400 натпреварувачи од 21 држава од целиот свет.



