Меѓународна сценаММА

Дана Вајт го нападна поранешниот шампион на УФЦ: Френсис Нгану не е добра личност

Американскиот борец Френсис Нгану ја напушти најголемата светска ММА организација на почетокот на 2023 година и неколку месеци подоцна потпиша со ПФЛ.

Поранешниот шампион во тешка категорија на УФЦ ја имаше последната победа во организацијата во јануари 2022 година кога со едногласна одлука го победи Сирил Гане.

Нгану имаше само една ММА борба откако ја напушти УФЦ, а тоа се случи во октомври минатата година кога во првата рунда го нокаутира Ренан Фереира.

Моќниот Камерунец оттогаш боксуваше двапати и загуби двата пати, со поделена одлука од Тајсон Фјури и со нокаут во втората рунда од Ентони Џошуа.

Нгану од многумина беше сметан за иднината на УФЦ, но раководителот на промоцијата, Дана Вајт, тврди дека Френсис е многу арогантен и склонен кон предизвикување проблеми.

Вајт раскажа што се случило еднаш кога Нгану не добил паричен бонус по настанот.

„Како борец на УФЦ, имате пристап до Институтот за перформанси, сè е бесплатно таму, дури и храната е бесплатна. А Нгану практично живеел таму. И по една борба, дојде во мојата канцеларија. Беше бесен што не доби бонус од 50.000 долари“, се присети Дана Вајт и продолжи:

„И му објаснив зошто не доби бонус, му реков: „Френсис, не го доби од таква и таква причина“, а тој почна да се расправа со мене. Му објаснив сè уште еднаш и го завршивме разговорот, а потоа сакав да ја напуштам собата. Во еден момент ме зграпчи за маицата и ме турна назад во канцеларијата. Му реков: „Тргни ги рацете од мене“. Од неговото однесување, и од неговите очи и израз на лицето, можев да кажам каква личност е“.

Нешто слично се случи за време на состанокот меѓу Нгану и Хантер Кембел, главниот бизнис директор и преговарач на УФЦ.

Вајт откри дека сомневањата за лошиот темперамент на Нгану започнале во 2018 година, пред неговата прва борба за титулата против Стипе Миочиќ.

„Требаше да се борат во Бостон, а веруваше дека ќе го скрши Стипе. По прес-конференцијата помина покрај мене, ме зграпчи и ми рече: „Кога ќе ја завршам борбата, ќе ми резервираш приватен авион за Париз“. Се насмеав, а тој рече: „Не се шегувам“, а јас реков „ОК“ – рече Дана Вајт, додавајќи:

„Стипе му ја исфрли душата во таа борба, буквално го скрши. И тука заврши приказната. Тогаш требаше да го отпуштам“.

По победата над Гане, Нгану имаше некои барања во својот нов договор, вклучително и дозвола за борба во боксерски натпревари, со кои УФЦ не се согласи. Камерунецот ја напушти промоцијата.

„Френсис Нгану не е добра личност. Се преправа дека не разбира англиски и многумина велат дека тоа е „поради јазичната бариера“. „Тоа е глупост. Тој го знае сето ова многу добро и се преправа дека е фин човек. Но, тој е лош човек“, рече Дана Вајт, додавајќи дека верува оти ПФЛ жали што го потпиша силниот Камерунец.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON