Мила Рељиќ се справи со повредата на СП, но не и со судиите, кои и подарија победа и медал на Чен од Кина

„Мила извојува извонредна победа над Бразилската натпреварувачка и неферски со големо судиско влијание беше поразена од домашната претставничка од Кина во тесна борба“, вели тренерот на нашата репрезентативка Мила Рељиќ, Аелксандар Ефтимов.
Вчера Мила имаше настап на Светското таеквонодо првенство за сениори во Вукси, Кина, кое е од највисок ранг Г-14. Таа ја совлада Селидине Карнеиро со 2-0 во рунди, но во наредниот меч со Ксимин Чен од Кина загуби со 0-2, при што првата рунда заврши 0-0, а втората 3-4.
„Во првото коло Мила беше слободна поради добриот ранкинг и чекаше победничка од претсавничките од Бразил и Габон. Во второт коло Мила во извонредна борба ја победи претставничката од Бразил Селидиене Карнеиро со 2-0 во рунди (6-4 и 6-5). Во втората рунда Мила губеше 3-5 и на помалку од една секунда пред крај успеа да ја удри противничката во глава и освои 3 поени и направи целосен пресврт 6-5, со тоа и ја победи Бразилката.
Инаку, колку се силни претставничките од Бразил покажува и фактот дека -57 кг и -67 кг освоија златен и сребрен медал. Во категоријата -62 кг ние им ја победивме нивната претставничка. Во оваа борба Мила се здоби со сериозна повреда на бутниот мускул и едвај можеше да се движи. Имавме среќа, три часа пауза, малку да се опорави, но до последен момент беше прашање дали може да влезе во борбата со Кинеската Ксимин Чен. Сепак, собравме сили и мотивација направивме тактика само со лева нога и со боксови да успееме да победиме. Со десната нога речиси не ни можеше да удри Мила. Во таа борба во првата рунда беше нерешено 0-0, но судиите не ни дадоа ниту еден поен со удар со рака во оклоп од дури 6 чисти удари. Овие поени ги даваат страничните судии не ги регистрира електронскиот систем. Па првата рунда при нерешен резултат судиите и ја дадоа на домашната претставничка. Во втората рунда Мила загуби тесно со 3-4 и повторно не добивме поени со удар со рака овој пат имавме 3 удари. Кинеската подоцна го освои бронзениот медал. Да не се здобиевме со силната повреда против Бразилката, многу подоминантна борба ќе направевме против Чен и сигурно ќе стигневме до медал. Вака Мила заврши на високата 9-та позиција и собра нови 21.17 поени за олимписката ранг-листа за бодувањето за квалификациите за ЛОИ Лос Анџелес 2028. Со овие поени Мила треба да се најде во првите 20 на олимписката ранг- листа. Целта е да остане во првите 32 натпреварувачки до јуни 2026 и да може да се натпреварува на четирите Гранд при Г-6 турнири кои носат многу поени за Лос Анџелес 2028“, рече Ефтимов.



