
По повеќе од четири години откако го објавија крајот на своите кариери, две од најголемите имиња во историјата на MMA, Мирко Филиповиќ – Кро Кап и Федор Емелијаненко-Последниот император, се подготвуваат за последен дуел. Филиповиќ (51) потврди дека ќе се бори против Емелијаненко (49) во бокс меч, нагласувајќи дека е здрав и подготвен да го заврши ова поглавје со почит.
„Федор е легенда, можеби и најголемата во историјата на боречките спортови. Не гледам причина да не прифатам,“ изјави Филиповиќ. „Здрав сум, редовно се прегледувам и сè е во ред. Не планирам ништо долгорочно – само една борба, од почит кон него и сè што сме поминале“.
Иако деталите за мечот се уште не се објавени, интересот на јавноста веќе е огромен. Овој дуел ќе биде емоционален епилог на едно од најголемите ривалства во светскиот MMA.



