АктуелноБоксПрофесионален

Од ВБА наредија меч меѓу Итаума и бугарскиот ветеран Пулев

Светската боксерска асоцијација го ослободи Кубрат Пулев од обврската да го брани појасот како редовен светски шампион во тешка категорија против Американецот Мајкл Хантер. Наместо тоа, Бугаринот ќе мора да влезе во рингот против Британецот Мозес Итаума, ако сака да ја задржи титулата.

Во одлука од 14 октомври (вторник), објавена од новинарот Ден Рафаел, Светската боксерска асоцијација (ВБА) прифати дека мечот меѓу 44-годишниот Пулев и 37-годишниот Хантер нема да се одржи, откако нивните штабови не постигнаа договор за закажување на средбата. ВБА известува дека Хантер има други желби за развој на кариерата и повеќе не е во позиција да биде претендент за појасот, кој Пулев го доби на крајот од минатата година со победа над Германецот Мануел Чар.

Поради оваа причина, ВБА одреди нов противник за Бугаринот. Станува збор за британскиот боксер роден во Словачка, Мозес Итаума. 20-годишниот Итаума има 13 професионални борби, во кои победил во сите 13. Во 11 од нив постигнал победа со нокаут, а сите завршиле во првата или втората рунда.

Пулев и Итаума имаат рок до 14 ноември оваа година да се договорат за одржувањето на борбата. Во спротивно, организацијата на средбата ќе биде ставена на аукција.

Се очекуваше следната борба на Итаума да биде на 13 декември во Манчестер против противник кој сè уште не е објавен, но по секоја веројатност одлуката на ВБА ќе донесе промена во плановите на Британецот.

Кубрат Пулев има 35 професионални борби, во кои остварил 32 победи, 14 со нокаут, и претрпел три порази.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON