Меѓународна сценаММА

Жозе Алдо се пензионира – ги закачи ракавиците со солзи

Еден од најголемите ММА борци на сите времиња, 39-годишниот Бразилец Жозе Алдо, го потврди своето пензионирање од спортот вторпат, и тоа го направи во исклучително емотивен момент пред домашната публика.

„Кралот на Рио“, како што беше официјално наречен, не можеше да избере подобро место за да се збогува со својата неверојатна кариера, и тоа го направи на настан на УФЦ во Рио де Жанеиро.

Во преполната Фармаси арена, поранешниот шампион доби шанса да се збогува на вистински начин, откако неговото последно враќање во кафезот не ги донесе посакуваните резултати.

Минатата година беше поразен од Марио Баутиста на УФЦ 307, а во мај оваа година, по проблемите со намалувањето на тежината за бантам категоријата, загуби од Ајеман Захаби на УФЦ 315.

Веднаш по почетокот на главниот дел од настанот на УФЦ Рио, Жозе Алдо, придружуван од семејството, влезе во октагонот носејќи пар ракавици.

Борејќи се со солзите додека публиката гласно му аплаудираше на секој потег, симболично ги постави ракавиците на средина од кафезот, означувајќи го крајот на славната кариера. Алдо го објави првото пензионирање од спортот уште во септември 2022 година, но тоа траеше малку помалку од една година.

Во кариерата имаше 42 борби, забележа 32 победи и 10 порази. Секако, најболната за него беше онаа од 2015 година, кога беше поразен од Конор Мек Грегор по само 13 секунди од борбата со класичен нокаут.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON