БорењеДомашна сцена

Соопштение: БК Олимпија е жртва на континуирана неправда и институционална блокада

БК Олимпија се огласи со соопштение за јавноста кое во целост ви го пренесуваме:

„Во последните неколку години, Борачкиот клуб „Олимпија“ – Штип е сведок и жртва на континуирана неправда и институционална блокада од страна на Боречката федерација на Македонија и Министерството за спорт. Наместо поддршка за континуираниот труд, резултати и развој на младите спортисти, клубот се соочува со административни пречки и неформулиран однос.

Раководната структура на Боречката федерација на Македонија со години наназад покажува неpподготвеност или незаинтересираност да го реши проблемот со нашиот клуб, БК „Олимпија“ – Штип, и покрај тоа што клубот ги исполнува сите законски услови за полноправно членство и учество во активностите на федерацијата. Сите законски регулативи и барања што беа доставени од страна на федерацијата, од наша страна се навремено и целосно исполнети.

Министерството за спорт, како државен орган одговорен за спроведување на спортската политика, законската регулатива и финансирањето преку федерациите, има јасна надлежност и ингеренција и врз работата на спортските федерации. Во рамки на тие ингеренции, Министерството има обврска да обезбеди законитост, рамноправност и фер услови за функционирање на сите клубови во Македонија. Сепак, и покрај тоа што во неколку наврати бевме на официјални разговори со министерот за спорт, проблемот на БК „Олимпија“ останува нерешен. Имаме впечаток дека или нема волја, или нема храброст проблемот да се реши, со што Министерството индиректно го поддржува неправилното работење на федерацијата. Нашата единствена цел е да функционираме како и сите други спортски клубови во државата, во рамка на законите и спортските прописи.

Во Борачкиот клуб „Олимпија“ – Штип се работи професионално, транспарентно и законито. Клубот работи по строго зацртан план и програма, која се реализира преку организациско-менаџерски и тренерски стручен тим, кој многу добро ги познава своите професионални обврски и одговорности, како и проблематиката со која се соочува спортот. Со долгогодишно искуство во работа со борачи и спортски клубови, оваа екипа многу добро ја познава работата во оваа сфера и совесно ги реализира сите поставени цели и задачи.

Во моментов се во тек и неколку проекти кои се во фаза на реализација, а кои ќе придонесат за унапредување на работата на клубот – како во стручниот, така и во организацискиот дел. Истите за кратко време ќе бидат видливи и ќе претставуваат уште еден доказ дека „Олимпија“ има јасна визија да се издигне високо на скалилото на организирани и професионални спортски клубови во државата. Тоа е потврда дека ние сме за спортот, а не против спортот.

Токму оваа посветеност, дисциплина и професионализам се причината што резултатите на клубот се континуирани и врвни. Во своето шестгодишно постоење, „Олимпија“ има освоено неколку европски медали и повеќе балкански медали од балканските шампионати, а преку нашата членка Андреа Нисева – првата македонска борачка со две европски медали и четири балкански титули – веќе ја испишуваме историјата на македонското женско борење.

Често пати, спортската јавност и читателите на медиумите се прашуваат зошто Андреа Нисева настапува за соседна држава, а не за Македонија. Одговорот е едноставен, но болен – ние сме принудени на таков чекор, бидејќи во нашата држава нема ниту слух, ниту желба, ниту екипа која може да препознае дека Андреа е дијамант на македонското борење. Наместо да ѝ се даде заслужена поддршка, таа е оставена сама да се избори за своето место во светскиот спорт. А токму таа, Андреа Нисева, ја испишува историјата на македонското борење како првата борачка со европски медали и четирикратна балканска шампионка.

Се надеваме дека со овој текст надлежните институции, пред сè Министерството за спорт, конечно ќе преземат конкретни чекори за решавање на проблемот со Борачкиот клуб „Олимпија“ – Штип. Веруваме дека времето на игнорирање и неправда мора да заврши и дека спортот во Македонија ќе биде место на еднаквост, фер можности и поддршка за сите кои вистински работат и создаваат резултати“.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON