
Тренерот од Дагестан, Гајдар Гајдаров, синоќа му беше гостин во скопската населба Бутел на олимпискиот шампион Шабан Трстена.
Гајдаров е тренер со реноме кој напрвил многу големи шампиони во борењето, а со стручна работа помага и на БК Вардар.
По средбата Трстена на Фејсбук објави:
„Вчера беше посебна вечер за мене. Имав чест, за прв пат да бидам домаќин во мојот дом на еден извонреден гостин, легендата на боречките спортови, Гајдар Гајдаров.
Тој доаѓа од далеку, од Република Дагестан, Русија, земја каде што спортистите не се раѓаат славни, туку стануваат големи шампиони со напорна работа, дисциплина, жртва и безгранична посветеност.
Сите спортисти од Дагестан се легенди, тие станаа пример и инспирација за цели генерации. Дури и денес, тие продолжуваат да влијаат врз младите луѓе, правејќи ја горда не само својата нација, туку и целиот спортски свет.
Тие оставија златни и неизбришливи траги на меѓународната сцена.
Секој спортист кој го претставува Дагестан на Олимписките или Светските игри го прави тоа со гордост и целосна институционална поддршка, како што треба да биде во секоја земја што го цени спортот.
Беше вечер исполнета со вредности, инспирација и благодарност. Нема потреба од многу зборови – успехот, делата и единството зборуваат сами за себе.
И на крај, како знак на почит, му ја подарив мојата Монографија и капа.
Од срце на олимписки шампион, искрено му се заблагодарувам и за поканата да ја посети земјата на шампионите – Дагестан,Русија! Со големо почитување од шампионот“.



