Колку чини борбата за бесмртност? Хонорарите за реваншот Усик – Дубоа

На 19 јули, светот на боксот ќе биде во Лондон. Вембли ќе биде домаќин на долгоочекуваниот реванш меѓу Александар Усик и Даниел Дубоа, судир кој не само што ќе ги обедини сите светски титули во тешка категорија, туку ќе постави и нови финансиски рекорди за двајцата борци.
Усик држи три од четирите појаси откако го победи Ентони Џошуа во септември 2021 година, а подоцна ги одбрани титулите во меч против Џошуа, Дубоа и двапати против Тајсон Фјури. Неговата единствена „изгубена“ титула – ИБФ – беше административно одземена поради неговите последователни борби со Фјури. Појасот му припадна на Даниел Дубоа, кој го освои по победата над Филип Херговиќ, а потоа го одбрани со убедлив нокаут над Џошуа.
Daniel Dubois shoves Oleksandr Usyk!👀
🎥@Queensberry #UsykDubois2 pic.twitter.com/rsMZqObASC
— BoxingScene.com (@boxingscene) April 28, 2025
Сега патиштата на двајцата повторно се вкрстуваат – во меч што никој не очекуваше да го види толку брзо. Боксерските федерации имаа јасни кандидати: Џозеф Паркер за ВБО, Агит Кабаел за ВБЦ. Дури и Дерек Чисора се надеваше на шанса за титулата на ИБФ. Но, големиот реванш доби зелено светло – на задоволство на навивачите и со одобрение од организациите.
Средбата ветува не само спектакл, туку и рекордни финансиски приходи. Вкупниот загарантиран хонорар за двајцата борци надминува 200 милиони долари. Усик ќе собере 65% од износот – приближно 132 милиони долари, додека Дубоа ќе добие 35%, или над 71 милион. Ова се само фиксните износи, без да се сметаат дополнителните приходи од телевизиските права, што ќе ја зголеми вкупната вредност на договорот.
За 38-годишниот Украинец, ова ќе биде најголемиот чек во кариерата – дури и поголем од неговиот хонорар за втората борба со Тајсон Фјури (114 милиони долари). Дубоа, исто така, ќе сруши личен рекорд – пет пати повеќе од неговиот претходен највисок надомест добиен против Џошуа (13,5 милиони долари).
Пред две години, кога двајцата се сретнаа за прв пат, бројките беа многу поскромни: шест милиони за Усик и само два милиони за Британецот. Борбата тогаш се одржа во Вроцлав, а Усик победи со нокаут во деветтата рунда, и покрај контроверзноста што се појави по петтата рунда.

Тогаш на Украинецот му беше даден петминутен одмор по ударот под појасот – контроверзен момент што предизвика бурни реакции од таборот на Дубоа. Британецот и неговиот тим поднесоа официјална жалба, инсистирајќи дека ударот бил во рамките на правилата, но беше поништен.
Сега 27-годишниот „Трипл Д“ има можност да бара реванш не само во рингот, туку и во историјата. Во исто време, Усик, сè уште непоразен во 23 професионални борби, се стреми кон сопствената бесмртност – ако победи, ќе стане првиот двократен неприкосновен светски шампион во тешка категорија во модерната ера на повеќекратни појаси.
„Фала му на Бога што имам пари. Но, тоа не ми е приоритет. Најважно е историјата што ја пишуваме заедно со мојот тим. Со тоа доаѓаат и парите“, рече Усик пред неговата прва средба со Дубоа.
Две години подоцна – неговите зборови звучат уште повистинито. А историјата продолжува.



